Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

Откриени се детали за девојката која четири години била заробена и измачувана во подрум

4 септември 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Девојката по име Малгоржата (30) ѝ стана позната на светската јавност откако на крајот на август, кога била донесена во болница поради исчашување на рамото, на лекарите им рекла дека човекот кој ја донел е всушност нејзин мачител и дека ја држи со години во заробеништво.

Меѓутоа, сега на виделина излегоа нови информации за случајот. Имено, осомничениот неколку пати ја носел Малгоржата во болница поради разни повреди, а девојката секој пат на лекарите им негирала дека била жртва на насилство.

Исто така, се дознало дека Малгоржата, пред да го запознае Матеуш, живеела во Лежна и водела прилично бурен живот. Напуштањето на домот и проблематичното однесување довеле до тоа државата да ѝ го одземе старателството над двете деца кои ги имала од претходно и да ги стави на грижа на родителите на Малгоржата.

Малгоржата повторно исчезнала во 2019 година. Во еден момент нејзините родители престанале да ја бараат, бидејќи верувале дека повторно си заминала по своја волја, а полицаецот кој бил задолжен да ја надгледува нејзината условна казна се обидел да открие каде се наоѓа. Се верува дека токму во тоа време почнала да излегува со Матеуш, за кого тврди дека го запознала преку Интернет.

Исто така, се дознало дека во 2020 година таа побарала засолниште од Матеуш во Сигурна куќа поради насилство, каде ѝ дале засолниште и ја советувале да ги прекине сите врски со него. Меѓутоа, таа побегнала од Сигурната куќа и никому не кажала каде оди.

После тоа, таа завршила во село во близина на Гаики во Полска, каде Матеуш живеел со своите болни родители. Според нејзините тврдења, Матеуш ја заклучил во подрумот каде постојано ја тепал, силувал и мачел.

Но, Матеуш неколку пати ја однел во болницата во Глогово поради повредите што ѝ ги нанесувал. Лекарите се посомневале дека Малгоржата е жртва на психичко и физичко насилство.

"Жената дојде кај нас со повреди кои укажуваа дека е жртва на насилство. Секогаш кога ќе разговаравме со неа на таа тема, се колнеше дека никој не ја тепал или малтретирал. Категорично одби да ги извести надлежните", изјавила Ева Тодоров, портпаролка на болницата.

Како што истакна Тодоров, без согласност на Малгоржата, лекарите биле немоќни да направат нешто. Законски не смееле да ја известат полицијата, бидејќи станувало збор за полнолетно лице, кое е способно да се грижи за себе.

Признала дека била жртва на малтретирање дури кога последен пат била донесена во болница, со сериозна повреда на рамото. Потоа го обвинила Матеуш за најлоша злоупотреба.

Таа тврди дека ја изгладнувал, дека била затворена, без пристап до храна, вода или тоалет. Дека ја држеле без струја, телефон, телевизија... Го обвинила Матеуш дека ја тепал со раце и нозе и разни предмети.

Таа тврди дека ја гушел, ѝ ги вртел рацете, ја влечел за коса, пренесе Билд.

Наведува и дека со години била изолирана од сите, дека ја контролирал, понижувал и навредувал. Повремено ја пуштал да излезе од подрум со вреќа на главата, за да не знае каде е.

Матеуш Ј.(35), кој веднаш по пријавата е уапсен, категорично ги негира обвинувањата, а неговите родители тврдат дека воопшто не знаеле дека жената е заробена и мачена на нивниот имот.

Малгоржата се уште е во болница, а лекарите не даваат нови информации за нејзината здравствена состојба.

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ