Војниците и полицијата на Хаити, со поддршка на кениската полиција која ја предводи мисијата на ОН, ја зајакнаа безбедноста во областа, се вели во соопштението на владата на Хаити.
Аеродромот „Тусен Лувертур“ во Порт-о-Пренс беше затворен во средината на ноември, откако банди отворија оган врз авион што требаше да слета. Тој ден цел на напад беа и други авиони. Еден ден подоцна, Федералната управа за воздухопловство им забрани на американските авиокомпании да летаат до оваа карипска земја на 30 дена.
Засега не е јасно кои летови ќе продолжат до Порт-о-Пренс денес. Забраната на Федералната управа за воздухопловство е на сила до утре. Денеска повторно беше отворен терминалот кој опслужува домашни летови.
Во изминатиот месец, единствениот меѓународен аеродром што функционира на Хаити беше оној во северниот град Кап-Хаитиен, но патувањето таму по копно е опасно, бидејќи бандите ги контролираат главните патишта што водат до и од Порт-о-Пренс. /МИА