Францускиот премиер Мишел Барние мора да направи нови отстапки во врска со предложениот буџет, доколку сака да избегне гласање недоверба на неговата влада од Национален собир (РН), изјави денеска пратеничката и лидерка на оваа партија, Марин Ле Пен. .
Во интервју за француски „Трибјун“, Ле Пен му даде рок на Барние до понеделник да попушти пред барањата на Национален собир за буџетот, велејќи дека во спротивно премиерот ќе се соочи со заканата дека партијата најверојатно нема да остане воздржана доколку се покрене прашањето за гласање недоверба за неговата влада, што би предизвикало и пад на владата, јавуваат британските медиуми.
-Гласот против (владата) не е неизбежен. Сè што Барние треба да прифати е да преговара. Имаше разговори во последните две недели, но јасно е дека работите не напредуваа како што би сакале, рече Ле Пен.
Барние веќе се повлече минатата недела од планираното зголемување на данокот за електрична енергија, што беше едно од барањата на партијата, но Национален собир, исто така, сака да ги зголеми пензиите во согласност со инфлацијата, спротивно на планираните буџетски заштеди.
Барањето на РН е, меѓу другото, да се намалат придонесите на Франција во буџетот на Европската унија.
Неизвесноста може да ескалира уште доколку левицата иницира барање за недоверба на владата, а за Барние да го преживее гласањето во долниот дом, РН треба да биде воздржана, бидејќи во спротивно неговата влада може да падне.