Во неочекуван потег што ги изненади француските власти, владата на Чад, клучен западен сојузник во борбата против исламистичките милитанти во регионот, на 28 ноември ненадејно го прекина договорот за одбранбена соработка со Франција. Допрва треба да се договорат деталите за повлекувањето како и евентуалниот престој на дел од француските војници во централноафриканската земја, но денеска првите борбени авиони Мираж се вратија во нивната база на истокот на Франција, објави Гардијан.
„Тоа го означува почетокот на враќањето на француската опрема стационирана во Нџамена“, рече портпаролот на француската војска Гијом Верне. Франција веќе ги повлече своите трупи од Мали, Буркина Фасо и Нигер по воените удари во тие западноафрикански држави и широко распространетата антифранцуска атмосфера.
Повлекувањето од Чад го означува крајот на повеќедецениското француско воено присуство во регионот Сахел и крајот на директните француски воени операции против исламистичките милитанти во областа. Франција сè уште има околу 1.000 војници во Чад. Вернет рече дека ќе бидат потребни неколку недели за да се заврши повлекувањето.