Одлуката на владејачката партија Грузиски сон што ја соопшти премиерот Иракли Кобахидзе дека Грузија нема да продолжи со процесот на пристапни преговори со ЕУ и ја отфрла финансиската поддршка од Унијата до 2028 година, претставува промена на политиките на сите претходни грузиски влади во однос на европските аспирации на огромното мнозинство на грузискиот народ, се наведува во заедничката изјава на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас и на еврокомесарката за проширување Марта Кос.
- Потсетуваме дека постапките на грузиските власти и демократското назадување доведоа до де факто запирање на процесот на пристапување (на Грузија) уште во јуни оваа година, како и дека финансиската помош од ЕУ директно намената за грузиските власти во моментов е во мирување, се наведува во изјавата на Калас и Кос.
Изразувајќи жалење поради ваквата одлука на властите, Калас и Кос посочуваат дека ЕУ жестоко го осудува насилството врз мирните демонстранти кои „уште еднаш излегоа на улиците за да ги потврди своите аспирации за влез во Европската Унија“ и кои „цврсто стојат на својата европска и демократска иднина“.
- Овие постапки на грузиската Влада имаат директни последици врз нашите односи. Грузиските власти мора да го почитуваат правото на слобода на собирање и слобода на изразување и да се воздржат од употреба на сила против мирните демонстранти, политичари и претставници на медиумите. Сите акти на насилство мора да бидат истражени и одговорните треба да одговараат, се наведува во изјавата.
Според Калас и Кос, ЕУ ја повторува својата сериозна загриженост за континуираното демократско назадување на земјата, вклучително и нерегуларностите што се случија во периодот пред и за време на неодамнешните парламентарни избори и во овој контекст, со нетрпение го очекува финалниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР и неговите препораки.
- ЕУ стои зад грузискиот народ и неговиот избор за европска иднина. Вратата за ЕУ останува отворена, а враќањето на Грузија кон европските вредности и пристапниот пат кон ЕУ е во рацете на грузиското раководство, нагласуваат Калас и Кос. /МИА