Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

Душчик: Белорусија планира „жешка гранична и миграциска криза“

15 октомври 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Плановите на Полска привремено да го суспендира правото на азил се засноваат на претпоставката дека соседна Белорусија се обидува да прати голем број мигранти кон заедничката граница, изјави денеска полскиот заменик-министер за внатрешни работи Мачеј Душчик.

- Информациите што ги имаме за различни сценарија, кои се развиваат во Белорусија и Русија го оправдуваат таков сигурносен вентил. Белорусија работеше на жешка гранична и миграциска криза, планирајќи насилно да принуди стотици луѓе кон надворешната граница на ЕУ, за да ја дестабилизира ситуацијата во Полска, посочи Душчик.

Неговата изјава уследи откако полскиот премиер Доналд Туск пред неколку дена го најави планот за суспендирање на правото на азил.

Полска и ЕУ ги обвинуваат рускиот и белорускиот претседател, Владимир Путин и Александар Лукашенко дека ги туркаат мигрантите од кризните региони кон надворешната граница на ЕУ со цел да извршат притисок врз Западот.

И покрај изградбата на ограда висока 5,5 метри и електронски систем за надзор долж полската граница, мигрантите сè уште секојдневно се обидуваат илегално да ја преминат границата. Од почетокот на годината, полските граничари веќе регистрирале речиси 28.000 такви обиди. /МИА

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ