Долгогодишна затворска казна за сопственикот и архитект на хотелот урнат од земјотресот во Турција
Хотелот се урна во моментот кога страшен земјотрес ја погоди југоисточна Турција во февруари 2023 година. Тогаш загинаа 72 лица.
Судот во Турција го осуди на долги затворски казни сопственикот и архитектот на хотелот кој се урна во страшниот земјотрес во февруари 2023 година, кога загинаа 72 лица.
Ахмет Боскурт, сопственик на хотелот „Исијас Гранд“ и Ердем Јилмаз, архитект, се осудени на 18 години и пет месеци затвор, јавува агенцијата Анадолу.
Синот на Боскурт, Мехмет Фатих, е осуден на 17 години и четири месеци зад решетки, според извештајот на агенцијата.
Училишна одбојкарска екипа од турскиот дел на Кипар и група туристички водичи во моментот на земјотресот престојувале во хотел во градот Адијаман, на југоистокот на земјата.
Тројца мажи беа осудени „за свесно предизвикување смрт или повреда на повеќе од едно лице“, јавува Анадолија.
За Унал Устел, премиерот на турскиот дел на Кипар, „казните се прелесни“, додавајќи дека властите ќе се жалат, пренесе новинската агенција Франс прес.
„Сопствениците на хотелите не ја добија казната што ја очекувавме.
„Но, сите одговорни за изградбата на хотелот беа осудени, што делумно не израдува“, изјави Устел.
Повеќе од 50.000 луѓе загинаа во Турција и Сирија во земјотресот на 6 февруари 2023 година.
Околу 160.000 згради се урнаа или беа сериозно оштетени, додека 1,5 милиони луѓе останаа без покрив над главата.
Турската влада неколку недели подоцна објави дека стотици луѓе се под истрага и дека се уапсени речиси 200 лица, вклучително и градежни изведувачи и сопственици на имот.
Група од 39 луѓе, вклучувајќи момчиња, девојчиња, наставници и родители, од Турскиот колеџ во Фамагуста, четвртиот по големина град во турскиот дел на Кипар, отпатуваа во февруари 2023 година на одбојкарски турнир во Адијаман.
Само четворица родители го преживеале земјотресот и успеале да се извлечат од урнатините.
Одбојкарската група заедно со 40 туристички водичи кои беа на тренинг, за сместување ја избраа седумкатницата Issias Grand.
Хотелот, кој бил еден од најпознатите во градот, бил отворен во 2001 година, а според научните анализи, столбовите што ја потпирале зградата биле направени со мешање на чакал и песок од локалната река со други градежни материјали.
Големиот број урнати згради во земјотресот предизвика гнев кај жителите и критики на турската влада за охрабрување на градежен бум без спроведување на градежните правила, заострени по претходните катастрофи.
Некои експерти сметаат дека ова е можеби најголемиот земјотрес во Турција во историјата.