Расипувањето на подморскиот кабел меѓу Финска и Естонија во средата, за кој Европејците се сомневаат дека е чин на саботажа од страна на „руската фантомска флота“, е „црвено знаме“ за Берлин, кој се залага за нови санкции од ЕУ.
„Речиси месечно, бродовите оштетуваат важни подводни кабли во Балтичкото Море. Екипите на бродови оставаат сидра во водата, ги влечат со километри по морското дно без очигледна причина, а потоа ги губат додека ги креваат“, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок за медиумите денес.
Таа додаде дека „повеќе од тешко е да се поверува дека тоа е случајност“.
„Тоа е повик за будење за сите нас“, рече Бербок и повика на воведување нови европски санкции против „руската фантомска флота“.
Терминот се однесува на танкери кои превезуваат руска нафта и нафтени деривати кои се под ембарго и на тој начин ги заобиколуваат западните санкции наметнати на Москва поради нејзината војна против Украина.
Министерката истакна дека оваа флота претставува голема закана за животната средина и безбедноста и дека Москва ја користи и за „финансирање на својата агресивна војна против Украина“.
На Божиќ, кабелот за напојување Estlink 2 помеѓу Финска и Естонија беше исклучен од мрежата. Се сомнева дека прекинот го предизвикал брод, танкер кој тргнал од руско пристаниште.
Во четвртокот, Европската унија го осуди „секое намерно уништување на инфраструктурата неопходна за Европа“ и објави дека подготвува нови санкции против руските бродови.
Земјите на ЕУ претходно овој месец се согласија да стават на црната листа околу педесет дополнителни бродови од таа флота.
Во тек се и преговори меѓу партнерите на НАТО за подобра заштита на Балтичкото Море од хибридни закани, изјави Аналена Баербок.