Грузиската полиција денеска соопшти дека 12 лица починале од труење со јаглерод моноксид во локалниот ски-центар.
„Дејли мејл“ пишува дека во градот Гудаури на северот на таа кавкаска земја се пронајдени тела на 11 странци и еден грузиски државјанин, а се претпоставува дека се работи за несреќен случај.
Се вели дека телата се пронајдени во спалните соби на вториот кат од хотелот над индискиот ресторан.
Портпаролот на полицијата рече дека „прелиминарните тестови не покажуваат траги на насилство“.
- Се претпоставува дека се работи за лица кои биле вработени во ресторанот, соопштија од Министерството за внатрешни работи на Грузија.
Министерството покрена истрага за „трагичната“ смрт“ на тие луѓе.
Во рамки на првичната истрага било откриено дека агрегатот бил вклучен, бидејќи претходниот ден снемало струја, а тој се наоѓал во близина на спалните соби. Инспекторите се обидуваат да утврдат дали тоа е причината за акумулацијата на јаглерод моноксид што ги отрула жртвите.
- Наредени се соодветни тестови и судскомедицински анализи за да се утврди точната причина за смртта, соопшти грузиското министерство, без да го открие идентитетот на жртвите.