Џими Картер, кој почина на 99-годишна возраст, беше американски претседател кој остави белег во историјата, не само за неговиот политички мандат, туку и за едно од најголемите прекршувања на кралскиот протокол.
За време на посетата на Бакингемската палата во мај 1977 година, пред да присуствува на самитот на НАТО, Картер ја бакна кралицата мајка Елизабета Боус-Лион во усните во знак на поздрав.
Кралицата мајка, која почина во 2002 година, не беше воодушевена од гестот на американскиот претседател. Всушност, таа се обидела да го избегне бакнежот, но не успеала. Како што подоцна и рекла:
„Никој не го направи тоа откако почина мојот сопруг“, мислејќи на нејзиниот сопруг, кралот Џорџ Шести, кој почина во 1952 година. Картер е првиот човек кој ја бакнал кралицата во усните по 25 години, а веројатно и последен.
Вообичаено, кога мажите се среќаваат со членови на кралското семејство, од нив се бара да се поклонат или да се ракуваат, додека бакнувањето во усните е строго забрането без разлика на националноста. Бакнежот во усните на Картер стана не само тема на разговор, туку и симбол на неговото необично однесување и покрај тоа што беше во посета како претседател на САД.
Картер потоа ја продолжи својата посета, разговарајќи со кралицата-мајка и беше виден како влегува со неа во сината црвена соба. Тој никогаш формално не се извини за инцидентот, а со текот на годините стана познат по својата скромност и хуманитарна работа откако ја напушти претседателската функција.
Кога во 2022 година почина кралицата Елизабета II, Картер издаде изјава за нејзината смрт.
- Розалинд и јас упатуваме сочувство до семејството на кралицата Елизабета II и до народот на Обединетото Кралство. „Нејзиното достоинство, добрина и чувство за должност беа инспирација, а ние им се придружуваме на милиони луѓе ширум светот во жалост за загубата на извонреден лидер“, рече тој во изјавата.
За време на нејзиното владеење, кралицата Елизабета II се сретна со 13 од 14-те американски претседатели, вклучувајќи го и Џими Картер. Последниот претседател со кој се сретна беше Џо Бајден, додека Линдон Б. Џонсон е единствениот претседател што не го запознала, бидејќи тој бил претседател од 1963 до 1969 година, а во тој период не ја посетил кралицата Елизабета II.
Двајцата можеле да се сретнат на погребот на Џон Ф. Кенеди, но кралицата била бремена и не можела да патува.