Потпретседателот на Владата на РСМ и министер за односи меѓу заедниците, г. Иван Стоилковиќ денес оствари средба со претставници на Стопанската комора на Македонија – Туркије. На средбата присуствуваа Ајдован Адемоски, претседател на МАТТО; Есер Џевахир, заменик-претседател на МАТТО; Билал Суџубаши, копретседател на МАТТО и генерален директор на Халкбанк; Имер Селмани, заменик-претседател на МАТТО и Шахпаз Молалиев, извршен директор на МАТТО.
Тема на разговор, како што соопштија од кабинетот на Стоилковиќ, беше продлабочувањето на соработката меѓу двете земји, како и интензивирање на економската соработка со акцент на слободната трговија и поттикнување на турските компании за инвестирање во земјава, како и надминување на потешкотиите со кои се соочуваат. Освен подигнувањето на нивото на соработка, како и создавањето можности и уште подлабоки пријателски врски меѓу двата народа соговорниците зборуваа и за положбата на турската заедница во земјава, со ветувањето дека веќе од следната година согласно средствата предвидени со Буџетот и помалите етнички заедници ќе го добијат третманот што го заслужуваат.
„Со предвидениот Буџет за следната година предвидени се средства за невладиниот сектор, особено во поглед на помалите етнички заедници, а тоа значи дека конечно ќе успееме да го реализираме она што подолго време не беше направено – и помалите етнички заедници да ја чувствуваат државата како своја“, истакна на средбата вицепремиерот и министер Стоилковиќ.
Заклучокот на двете страни по средбата беше дека Република Туркије е наш стратешки партнер и затоа треба да се подигне нивото на соработка, особено во поглед на трговската размена.