Ние изминатиов подолг период сме сведоци на едно непримерно,
можам да го наречам и политичко насилие, влијание, притисоци на некој начин и
уцени на Уставниот суд. Тоа е резултат на едно фрапантно отсуство на
елементарна политичка култура, да не зборувам за уставна култура, изјави на
денешната прес-конференција претседателот на Уставниот суд, Дарко
Костадиновски.
-Повеќе пати имам кажано дека нема да дозволам Уставниот суд
да биде уценуван од никого и нема да дозволам да биде под притисоци и закани од
било кого. Секој што мисли дека владеењето на правото, правната држава ќе ја
попречат со политичко влијание и со манипулации, воопшто да не се трудат. Такво
нешто нема да се случи. Уставниот суд има јасни надлежности, ги црпи од
Уставот. Уставниот суд е чувар на Уставот и го чува во таква форма, таков како
што е, нагласи Костадиновски.
Претседателот на Уставниот суд додаде дека воопшто не сака
да комуницира и полемизира со политичарите, но нагласува дека се приморани на
некој начин да им се обратат на граѓаните и да ги уверат во независноста и
непристрасноста.
Потенцираше дека денешната одлука на Уставниот суд, не сака
од никој да биде сфатена како слабост или подлегнување под некој притисок.
-Ние продолжуваме со постапувањето по тој предмет (Закон за
употреба на јазиците). Тоа е најстариот предмет во овој суд, повеќе од пет
години и нашата денешна одлука треба да биде толкувана како врвен чин на
одговорен пристап и највисока почит и должност кон граѓаните, да не дозволиме
да бидат манипулирани и лажени од политичарите, дециден е Костадиновски.