Поранешниот претседател Ѓорге Иванов учествуваше на шеснаесеттото издание на форумот MEDays во организација на Институтот Амадеус кој се одржа под покровителство на Кралот на Мароко во периодот од 28 до 30 ноември 2024 година во Тангер, Мароко.
Темата на форумот, „Размислување за дејствување“, обедини различни групи на учесници од лидери и актуелни и поранешни политичари, академици, бизнисмени, до разновидни чинители и експерти кои разговараа за справување со критичните глобални предизвици и промовирање акциони и делотворни решенија.
За време на пленарната сесија посветена на темата каков поредок е неопходен за глобалниот хаос, претседателот Иванов се осврна на потребата од итни реформи на мултилатералните институции пред се Обединетите нации и Советот на безбедност.
Тој потенцираше дека во време кога Советот на безбедност при ОН е парализиран пред се поради правото на вето, и дека мноштво од ингеренциите и овластувањата треба да се пренесат во Генералното собрание при ОН како вистински претставник на земјите и каде одлуките се носат со мнозинство гласови.
За време на форумот, претседателот Иванов се обрати и на тркалезната маса поврзана со потребата од редефинирање на глобалната безбедност, на која ги посочи можните нови парадигми во мултиполарниот и фрагментиран свет.
Во текот на форумот, претседателот Иванов оствари повеќе средби и се вклучи во повеќе дискусии, потврдувајќи ја својата посветеност за поттикнување стратешки дијалог за повеќе значајни прашања од регионално и глобално значење.