Одделението за превенција при СВР Скопје денеска (26.12.) кај плоштадот Скендербег во Скопје, спроведе превентивна активност под мотото „Не користи пиротехнички средства“.
Притоа, во непосредна комуникација граѓаните беа запознаени со ризиците од употреба на оружје или други пиротехнички средства при прослави, што како појава е посебно актуелна пред и за време на Новогодишните и Божиќните празници.
-Секој може да биде жртва, а повредените наместо на прослава, празниците да ги дочекаат во операционите сали на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, беше пораката на полициските службеници, велат од МВР.
Воедно беа потенцирани и казнените одредби за неовластена употреба на пиротехнички средства на јавно место, со коишто се загрозува сигурноста и безбедноста на граѓаните.
На граѓаните им беа поделени и информативни летоци со цел подигање на нивото на свест и почитување на законска регулатива.