Дел од приватните автобуски превозници во Скопје ќе возат со редуциран возен ред се додека не им се исплатат долговите од страна на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП).
Приватните превозници тврдат дека ЈСП има долгови кон нив што датираат од јуни годинава, поради што тие се доведени во финансиски тешка состојба. Иако Советот на Град Скопје неодамна донесе одлука за зголемување на исплатата по километар за приватните превозници на 20 денари, тие сметаат дека тоа е само мал чекор напред. Целосната исплата на долговите останува нивен основен услов за повторно активирање на автобусите.
Приватните автобуски превозници се поделени во пакети (во зависност од линиите кои ги сервисираат) па дел од нив добија пари и велат дека нема да го редуцираат возниот ред.
Инаку, од следната година, приватните превозници ќе добиваат по плус 20 денари од извозен километар откако Советот на Град Скопје го усвои Буџетот за 2025 година.