За повеќето полициско обвинителски акции во сферите на
високата корупција, криминал, теорористичката ќелија и за тоа дали очекува брз
и ефикасен епилог или повторување на минатото и развлекување на случаите,
премиерот<span style="mso-spacerun:yes"> </span>Христијан Мицкоски во интервју
за МИА нагласува дека сето она кое што зависи од Владата и од институциите
коишто се под надлежност на Владата како извршна власт, ќе ги завршат
беспрекорно, а потоа на потег се правосудните органи.
– Факт е дека уставно загарантирана норма е пресумпцијата на
невиност, но исто така овие работи треба да функционираат по еден нормален тек,
а тоа е институциите и органите на прогонот да спроведат истрага, да обезбедат
докази итн., а судовите да судат понатаму доколку констатираат дека тие докази
се доволни за отпочнување на процес. Така што, дали ќе бидат развлекувани, дали
ќе дојде правдата како што сите ја очекуваме тоа не зависи од извршната власт и
од Владата. Наше е да ги обезбедиме сите неопходни докази како институции и да
ги доставиме до обвинителството и судството. Понатаму, судската власт е таа
која што треба да го води процесот и да го заврши, порачува премиерот.
За реформите на правосудниот систем, кој има ниско ниво на
доверба кај граѓаните и за тоа дали останува на ставот за целосно распуштање на
Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, Мицкоски вели дека овој Судски
совет ваков каков што е, можеби има легалитет, но не и легитимитет кај
граѓаните.
-Тој можеби има легалитет, но нема легитимитет бидејќи
кредибилитетот им е уништен, довербата е едноцифрен број проценти, довербата е
на историско најниско ниво и она кое што е важно е дека ако нема свесност
помеѓу нив самите да заминат, тогаш мора ние да преземаме некакви чекори за да
може тие да заминат. Но, тоа не значи дека сега едни луѓе коишто ја довеле
ситуацијата и состојбата ваква каква што е да ги замениме со други коишто тоа
ќе го продолжат. Кадровскиот потенцијал којшто треба да го освежи ова тело или
оваа институција навистина треба да биде со импозантна цел и агенда пред себе,
но и институционална меморија позади себе, односно да има биографија, тежина
тој којшто ќе биде таму, затоа што ако ние едните ги замениме со други, а
останат навиките исти и начинот на однесување не сме направиле ништо. Истото и
за нас ќе се случи еден ден, ќе заминеме и ние, ќе дојдат некои други итн.
Затоа што, кога ќе дојдат тие смени, а кога ќе дојдат како резултат на смената
во Парламентот во кое што мнозинство е оваа Влада и ако нема некакви позитивни
промени тогаш ние ќе бидеме виновни и сите ќе речат – еве, исти се, а тоа не е
наша цел. Ние не сакаме тоа да го правиме, порачува Мицкоски.
За постојаните обвинувања дека секоја власт се обидува да го
партизира судството и дали целосен ветинг можеби е најдоброто решение по
примерот на Албанија, Мицкоски вели дека тој смета дека тоа не е начинот и дека
имаме одлични закони, но потребно е само да се ослободат обвинителите и
судовите од партиските стеги.
– Ова Вие што велите да не бидат во грч и да мора на
партиски моќници или некој друг тип на моќници да им служат. Ние треба само да
ги ослободиме и на тој начин тие ќе почнат да се однесуваат онака како што би
требало да се однесуваат, односно да обвинуваат и судат по закон и Устав, вели
Мицкоски.
Во врска со предметот што го отвори Обвинителството за
неговата изјава дека како лидер на опозицијата бил следен како организатор и
финансиер на праполициска организација и до каде е тој процес, Мицкоски вели
дека во интерес на истрагата не би зборувал за многу детали поврзани со овој
случај.
– Но, она што мене ме загрижува е храброста со која овие
институции коишто треба да се грижат за безбедноста на државата ги
злоупотребуваат практично механизмите со коишто располагаат за да политички се
пресметуваат со опозициски водачи, во случајот јас како претседател на
најголемата тогаш опозициска, па еве земете како сакате и политичка партија. И
тука целосно е нарушена мојата приватност. Мислам во Македонија ова не смее
повеќе да се случува. Ако сакаме да одиме напред не смееме да дозволиме такви
инсталации, јас би рекол комунистичко-болшевички да ги контаминираат нашите
институции, посебно оние институции коишто треба да се занимаваат со
безбедноста на државата, изјави премиерот.
Очекува она што ќе го потврди внатрешната истрага да допре
до Обвинителството, да се декласифицира во еден судски процес и тие кои што се
одговорни за тоа да бидат изведени пред лицето на правдата.
Останува на ставот дека нема ништо спорно во именувањето на
Бојан Христовски за директор на АНБ во светло на последните случувања во
Државната комисија за спречување на коруцијата, каде се оценуваше дипломата на
Христовски, а во јавноста се спореше тоа што предметот го разгледувала Цвета
Ристова, која како што кажа претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска самата
поднела барање за изземање од постапката во момент кога пристигнала претставката
со наводите за сомневања за валидноста на дипломатата од Универзитетот Скопје,
кој и бил распределен по електронски пат.
– До ден денеска не можам да разберам зошто се обидуваме да
ставиме сенка на еден процес којшто е кристално чист. Се спореше неговата
диплома, освен Тоефелот, се докажа дека ниту едното ниту другото не е спорно и
сега повторно на дневна политика ја сведуваме темата која што е поврзана со
институција која што е поврзана со безбедноста на државата. И тоа не е јавен
интерес. Јас разбирам што е јавен интерес, но тоа не е јавен интерес. Во ред,
ете се постави прашањето, се затвори прашањето и сега во потрага по сензација
со сила да креираме скандали се прави ваква јавна дебата од поединци, не е тоа
од сите. Тука пред се мислам и на неодговорното однесување на опозицијата. Но,
во ред. Тие ако така мислат дека треба, ние немаме од што да се плашиме,
подготвени сме за јавна дебата, вели Мицкоски.