Лично немам контакт со Артан Груби и немам детални информации каде се наоѓа во моментов. Ова за ТВ21 вечерва го изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, откако вчера за косовските медиуми истакна дека поранешниот прв вицепремиер во бегство се наоѓа на албанска територија.
– Мојата изјава во текот на вчерашниот ден е базирана на тоа што е јавно изјавено од претставници на Владата, но исто така и од фактот дека тој легално си ја поминал границата Македонија-Косово. Верувам силно дека секој граѓанин вклучувајќи го и господинот Груби заслужува еден правичен и неселективен судски процес далеку од селективна апликација на правото – изјави Ахмети за ТВ21.
Тој вчера рече дека Артан Груби се наоѓа на албанска територија, но без да даде конкретни информации за неговата локација.
Ахмети вчера додаде дека, сепак, правдата не треба да биде селективна и одмаздничка, нагласувајќи дека ДУИ е против употреба на навреди и клевети за политички цели.
Груби е осомничен за проневера во Државна лотарија. Меѓу осомничените во овој случај е и поранешниот директор на Државната лотарија, Прпарим Бајрами, а штетата се проценува на речиси 8,2 милиони евра.
МВР за случајот поднесе кривична и за поранешниот премиер, Димитар Ковачевски, но засега тој не е опфатен со истрагата. За случајот распишани се и меѓународни потерници.