Министерот за локална самоуправа Златко Перински вели дека измените и дополнувањата на Законот за локална самоуправа главно се поддржани од Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) во која членуваат сите градончалници.
Тоа, вели се покажа на првата консултативна средба одржана вчера во Битола на која градоначалниците ги поддржале предложените измени на Законот кои, покрај другото, предвидуваат можност за отповикување градоначалници пред истекот на нивниот мандат, со цел зголемување на транспарентноста и отчетноста на локалните функционери.
-Генерално имаме унисон став и тие ги поддржуваат измените на законот, затоа што на тој начин ќе ги превенираме девијантните однесувања на дел од градоначалниците, малку по број, но за жал ги имаме во насока на неконструктивност спрема своите гласачи што навистина е поразително. Но, на иста линија сме. Нормално, имаат технички забелешки, коментари, но токму затоа ги правиме овие јавни дебати, за да најдеме условно кажано едно најџентлменско законско издржано решение кое ќе треба да се применува во годиниве што следат – изјави Перински во гостување на ТВ Сител.
Тој вели дека е максимално посветен на сегашната функција, особено сега кога фокусот е прашањето околу законските измени кои се отворени по 20 години примена на Законот за локална самоуправа.
Перински кажа и зошто се кандидира за градоначалник на Град Скопје.
-Зошто изразив амбиција за градоначалничкото столче? Затоа што ги знам сите проблеми со коишто се соочува Градот и јавните претпријатија и на дневна основа комуницирам со сите оние коишто се засегнати. Верувајте ми, после октомври 2025 година, кој и да биде новиот градоначалник, ќе се соочи со многу работи кои тогаш ќе излезат на површина, на виделина, кои сега не ги гледаме, а се реалност. Неколку пати досега кажав, на Градот му треба системски пристап на решавање на проблемите кој во целост ќе го реши јавниот превоз, кој пак е врзан со проблемот со загадувањето, кој пак зависи и од локалната и од централната власт и двете нивоа на власт треба заеднички, паралелно да го решаваат ова прашање – вели тој.
Перински рече и дека веќе знае како ќе ги среди состојбите во јавните претпријатија во Скопје.
– Имам многу идеи во глава, имам направено апсолутно целосно модел за рекомпонирање на јавните претпријатија, за зголемување на функционалноста во испораката на услугите кон граѓаните, но и за поголема ефикасност и ефективност на работните процеси – додава тој.
Сепак, вели Перински, ќе ја почитува одлуката на партијата кој да биде кандидат за градоначалник во Скопје.
-Како ќе одлучи мојата партија, така и јас ќе ја почитувам таа одлука. Кој и да биде потенцијалниот кандидат, препорачан од страна на мојата партија, јас сум сигурен дека е извесно дека тој ќе биде новиот градоначалник на Град Скопје. Сите колеги кои имаат амбиции за градоначалничкото столче, јас навистина ги охрабрувам, дури и оние кои не размислувале на оваа тема. Така ќе продуцираме квалитет, добро е да имаме повеќе потенцијални кандидати, тоа е здрав процес. Колку повеќе луѓе ќе се вклучат, толку подобар и посоодветен кандидат ќе избереме. Јас во ниту еден случај нема да дозволам моето име и презиме да фигурира во некој внатрепартиски конфликт, не гледам потреба од такво нешто, ниту пак ќе дозволам тоа да се случи – вели Перински.