Телата на три лица се извадени од возилото кое попладнево излета во реката Вардар во близина на селото Рашче. Потрагата по можно четврто исчезнато лице продолжува, јави Центарот за управување со кризи.
-Од возилото се извадени телата на три лица. Потрагата по можно четврто исчезнато лице продолжува, информира вечерва директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
По сообраќајната несреќа во која попладнето автомобил излетал од патот кај село Рашче и паднал во Вардар, случајни минувачи донеле четиригодишно дете во ГОБ „Св. Наум Охридски“ кое потоа е пренесено во Клиничкиот центар во Скопје.
„Во 18 часот од ГОБ „Св. Наум Охридски” сме известени дека кај нив од страна на случајни минувачи е донесено четиригодишно дете, кое потоа е пренесено во Клинички центар“, информираше МВР.
Несреќата била пријавена во СВР Скопје и како што соопшти МВР на локалниот пат за село Рашче патничко возило излетало од патот и паднало во Вардар.