Најбогатите француски милијардери Бернар Арно, Франсоа Бетенкур Мејерс и Франсоа Пино изгубија околу 70 милијарди долари од своето богатство годинава, бидејќи се намали побарувачката за луксузни стоки и политичката нестабилност која ја ограничи потрошувачката.
Компанијата LVMH на Бернар Арно, козметичкиот гигант „Лореал“ во сопственост на Бетенкур Мејерс и компанијата „Керинг“ контролирана од Пино се меѓу најголемите губитници за оваа година на париската берза, а акциите на „Керинг“, сопственик на брендот Гучи, паднаа за дури 41 отсто од почетокот на годината, пренесува Блумберг.
Се очекуваше дека кинеските потрошувачи ќе бидат двигател на растот на продажбата во 2024 година, но овие предвидувања не се остварија, коментира Ариана Хајат, менаџер на фондови во финансиската групација Едмонд де Ротшилд. Според неа, постои и одреден „замор од луксуз“ на пазарот по три години исклучителен раст на побарувачката.
Кинеските купувачи потрошија помалку од предвиденото, а нестабилната политичка сцена во Франција го намали интересот на инвеститорите за имотот на земјата.
Продажбата на луксузни стоки и козметика се зголеми по пандемијата на коронавирус кога потрошувачите имаа повеќе пари за трошење по „локдаунот“, но сега тој тренд е обратен. Членот на инвестицискиот комитет на компанијата „Кармињак“, Кевин Тозе смета дека почнувајќи од 2023 година, луксузниот сектор едноставно се „враќа во реалноста“ по неколку многу успешни години. /МИА