Рускиот енергетски гигант Газпром во саботата објави дека ќе го прекине извозот на гас во Молдавија од 1 јануари 2025 година, откако земјата не го измири својот долг.
Гаспром изјави дека има право да го раскине договорот за набавка со Молдавија.
Овој потег доаѓа пред целосното суспендирање на извозот на руски гас преку Украина во Европа, од каде што тече кон Словачка, Австрија, Унгарија и Италија, по истекот на постоечкиот транзитен договор со Украина на 31 декември. Најпогодена од оваа суспензија ќе биде Молдавија.
Молдавскиот премиер Дорин Речеан ја осуди одлуката на Русија, велејќи дека жителите ќе останат без струја и греење. Во објава на Фејсбук, тој ја обвини Русија дека ја користи енергијата како оружје и најави дека Молдавија ќе ги разгледа правните лекови, вклучително и меѓународната арбитража.
<b>Огромен долг</b>
Русија, која е критична кон прозападната влада во Кишињев, бара Молдавија да го плати долгот за минати испораки, кој според руските пресметки е 709 милиони долари, а Молдавија тврди дека должи 8,6 милиони долари.
Русија преку Украина ја снабдува Молдавија со околу две милијарди кубни метри гас годишно. Гасот се доставува до отцепениот регион Придњестровје, кој го користи гасот за производство на евтина енергија што ја продава на остатокот од Молдавија.
Два и пол милиони Молдавци се подготвуваат за долги прекини на електричната енергија откако Киев соопшти дека нема да го обнови својот транзитен договор со Гаспром.