Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска очекува дека 2024 година ќе заврши со многу повисока стапка на раст од проектираната, јавниот долг да биде понизок, реализацијата на капиталните инвестиции во следната година да биде висока, а да се реализираат и планираните приходи во буџетот. Ова таа го истакна во Отворено студио на МРТВ на тема „Буџет 2025“ заедно со премиерот Христијан Мицкоски и бизнис заедницата.
– Ќе бидеме со многу повисока стапка на економски раст и ќе имаме и понизок јавен долг, кој на крајот на оваа година ќе биде под 62,7 процети, а на крајот на следната година 62,1 процент. Имајќи ги предвид корекциите во нагорна линија на БДП за 2024 и 2025 година тоа значи дека јавниот долг ќе биде понизок и од 62,1 процент. Со тоа покажавме дека работиме и дека кога сме посветени се консолидираме многу побрзо – рече министерката.
Како што соопшти Министерството за финансии, таа истакна дека следната година ќе има висока реализација на капиталните инветстиции, поткрепувајќи го со активностите што се реализираат на терен, како и активности кај проекти коишто претходно имале слаба реализација.
Потенцира дека освен усогласувањето на законите со европската директива за глобалниот минимален данок, во наредната година ќе нема промена на даночни стапки и тоа не е предвидено ниту во Буџетот за 2025, ниту во Фискалната стратегија.
– Фокусот ќе ни биде на сивата економија и оттаму нема страв од аспект на наплата на приходите. Просторот во сивата економија е огромен којшто според некои неофицијални податоци е околу 40 проценти, а имаме можности во законите да ги наплатиме. Пред неколку дена е објавен тендерот за е-фактура од што се очекува посериозна наплата на ДДВ и поголема координација и комуникација помеѓу институциите – УЈП, Царинска управа, Финансиска полиција токму во насока да ги детектираме слабостите на системот и да ги елиминираме сите оние дејствувања на компаниите во сивата зона, рече министерката за финансии.
Таа додаде дека досега немало усогласување на податоците помеѓу Царинската управа и Управата за јавни приходи и се правела штета врз Буџетот преку поврат на ДДВ заради што е направена контрола и врз основа на тоа е спречена злоупотреба на најмалку 2 милијарди денари од буџетски средства.
Министерката истакна дека се детектирани работите, се анализираат детално и оти треба време за да се решат проблемите коишто не биле решени со години.