Ние покажавме дека ја консолидиравме економијата и во третиот квартал покажавме раст од 3%, нешто што никој не го очекуваше и еден од најдобрите во регионот и Европа. Подобри сме и од Германија, и од Бугарија, Грција и од Словенија, од Црна Гора и генерално од најголемиот дел од земјите во Европската Унија, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Тој како што рече очекува и во четвртиот квартал растот да биде уште да биде посилен.
-Очекувам оваа година да ја завршиме со над 1 милијарда странски инвестиции, да имаме раст на БДП до 4% во четвртиот квартал, што би значело годишен од 3% – рече Мицкоски.
Тој рече дека очекува и следната година економијата да расте со тоа што во првиот квартал ќе има посебен замав.
-Очекувам следната година, според разговорите што ги водев, со новиот сопственик на ФЕНИ, да отпочне со производство, што би значело 250 до 300 милиона евра извоз. Тоа е некаде 1,5 до 2% од нашиот БДП. Очекувам Вардакс нафтоводот да почне да работи со што би се рестартирала ОКТА која што би тргувала на пазарот на Јужна Србија и Косово дополнителен извоз и тоа е дополнителен раст на БДП. Очекувам кредитите односно унгарскиот кредит и кредитите да земат свој полн замав во првиот квартал следната година. Исто така, очекувам раст во првиот и вториот квартал на следна година врз основа на сите овие претпоставки за кои што зборував. Еве, до тука можам да кажам дека по јасно ги гледам работите – изјави Мицкоски за ТВ 21.
Тој го повтори ставот дека нема да се зголемуваат давачките на граѓаните, а дека законските пресметки за минималната плата се дека таа ќе изнесува 24.400 денари, но очекува синдикатот и работодавачите да ја кажат конечната одлука.
– Дали ќе имаме зголемување на минималната плата, по закон сигурно. Дали ќе се договорат синдикатите и работодавачите, тоа е до нив, не е до нас. Ние сме партнери во овој процес. Имаше два состанок на економско социјален совет, се договоривме со министерот еднаш месечно, сега ќе имаме во јануари и февруари, состојбата е таква да некои процеси не зависат од самата влада. Ние сме само фасилитатори во тој процес. Ако се договорат работниците и работодавачите меѓу себе, ние што можеме тука, но секако ќе има по закон. Министерот за економија и труд денес брифираше дека согласно ова законско решение некаде околу 24,400 денари отприлика треба да биде минималната плата – рече Мицкоски.