На Нова година беа прекинати руските извозни гасоводи кои минуваа низ Украина, со што беше означен крајот на една деценија доминација на Москва над европскиот енергетски пазар. Иако војната трае речиси три години, гасот сепак течеше.
Сепак, „Газпром“, рускиот гасен гигант, објави дека трансферот е стопиран во 05:00 часот утринава, откако Украина одби да го обнови договорот за транзит.
Очекуваниот прекин не треба да влијае на цените за потрошувачите во Европската унија сега, за разлика од 2022 година, кога намалените залихи од Русија доведоа до рекордни цени, ја влоши кризата на трошоците за живот и ја намали конкурентноста на ЕУ.
Последните преостанати купувачи на руски гас во ЕУ, како што се Словачка и Австрија, обезбедија алтернативно снабдување. Унгарија ќе продолжи да добива руски гас преку гасоводот Турски тек под Црното Море.
Од друга страна, Придњестровје, проруски сепаратистички регион во Молдавија, исто така зависен од транзитните текови, го прекина греењето и топла вода за домаќинствата. На жителите им беше препорачано да се облекуваат топло и да користат електрични греалки.
Европската комисија изјави дека ЕУ е подготвена за пауза.
„Европската гасна инфраструктура е доволно флексибилна за да обезбеди гас што не е од руско потекло“, рече портпаролот на Комисијата.
Од 2022 година зголемени се капацитетите за увоз на течен природен гас (ЛНГ). Половина век Русија и поранешниот Советски Сојуз го градеа својот удел на европскиот пазар на гас, кој на својот врв беше околу 35%.
Но, ЕУ ја намали својата зависност од руската енергија од почетокот на војната во Украина и сега увезува повеќе гас од Норвешка, како и ЛНГ од Катар и САД.
Украина одлучи да не го продолжи договорот за транзит, нагласувајќи дека Европа веќе одлучила да се откаже од рускиот гас.
„Го запревме транзитот на руски гас. Ова е историски настан. Русија ги губи своите пазари и ќе претрпи финансиски загуби“, изјави украинскиот министер за енергетика Херман Халушченко.
Поради ваквата ситуација Украина ќе губи до милијарда долари годишно како транзитни такси од Русија. Со цел да се компензира оваа загуба, Украина значително ќе ги зголеми тарифите за пренос на гас за домашните потрошувачи.
Гаспром ќе загуби речиси пет милијарди долари од продажбата на гас. Во средината на ноември компанијата го прекина снабдувањето со австриската ОМВ поради договорен спор.
Меѓутоа, во последно време руски гас доаѓа во Австрија преку Словачка. Според податоците на австрискиот енергетски регулатор E-Control, се очекува на 1 јануари дневното снабдување да изнесува само околу 7 GWh.
Главниот купувач на гас во Словачка, компанијата СПП, најави дека ќе ги снабдува своите клиенти првенствено преку гасоводи од Германија и Унгарија, додека се соочува со дополнителни транзитни трошоци.
Гасоводите од Русија испорачале рекордни 201 милијарда кубни метри гас во Европа во 2018 година.
Сепак, гасоводот Северен тек преку Балтичкото Море до Германија беше оштетен во 2022 година, а гасоводот Јамал-Европа преку Белорусија исто така престана да работи.
Во 2023 година, Русија испорача околу 15 милијарди кубни метри гас преку Украина, што е значително помалку од 65 милијарди кубни метри предвидени во последниот петгодишен договор што започна во 2020 година.
Земјите од ЕУ кои до сега добиваа руски гас, како Словачка и Австрија, ќе се снајдат, иако Словачка остро протестираше против ова сценарио, нагласувајќи значителни загуби за европската економија.
На некои земји, пак, ќе им биде потешко, на пример Молдавија, но може да се очекува дека ќе и помогнат нејзините сојузници од ЕУ.
Но, што ќе се случи со Придњестровје?
Оваа ситуација може да предизвика руска реакција, бидејќи Москва веќе вели дека прекинот на гас преку Украина е и „напад врз Придњестровје“, регион за кој велат дека „нема да биде оставен сам“.
Извори: npr.org|BBC|CNN