Унгарскиот телекомуникациски оператор „4 ИГ“ наредната недела официјално ќе ја поднесе својата апликација за влез на македонскиот телекомуникациски пазар.
Планот на унгарската компанија е амбициозен и уште во старт носи инвестиции во вредност од 100 милиони евра. Првиот човек во делот за мобилни и 5 Г стратегии на групацијата Пал Заранди вели дека идејата е да почнат инвестиција од нула, односно таканаречена „гринфилд“ инвестиција, јави ТВ Алфа.
„Ова е таканаречен план за влез на пазарот преку „greenfield“ пристап. Тоа значи дека суштински ќе влеземе самостојно. Се разбира, ќе треба да имаме многу локални партнери од европскиот простор за инфраструктурата, кулите и добавувачите на опрема од кои ќе ја купуваме опремата. Како и во Албанија и во Македонија, ограничени сме во изборот, бидејќи е многу важно да соработуваме со европски или некинески добавувачи. Во Албанија, на пример, работиме со шведскиот „Ericsson“. Во овој момент, можам да кажам дека инвестицијата ќе биде најмалку 100 милиони евра што ќе треба да ги вложиме во мрежата и во сè друго. Но, тоа е долгорочна инвестиција. Ова не е нешто за 2 години, 5 години или 10 години. Ова не е компанија што останува статична. Како што велиме, оваа индустрија е маратон. Затоа сме стратешки инвеститори. И откако ќе влеземе на пазарот и мрежата ќе биде подготвена, ќе треба да продолжиме да инвестираме секоја година, веројатно 15-20% од нашите приходи. Тоа е многу“ вели Пал Заранди, директор за мобилни и 5Г на „4IG”.
Очекувањата за Македонија се позитивни пред се поради поволното политичко опкружување но и добрата инфраструктурна понуда за развојот на овој бизнис:
„Секогаш кога сакаме да влеземе на нов пазар во телекомуникацискиот бизнис, многу е важно регулаторната средина и владата да нè прифатат позитивно. Сметаме дека сме добредојдени во Македонија. Тоа беше првиот чекор. Потоа, вториот важен чекор беше да ја анализираме ситуацијата на пазарот. Забележавме дека има многу добра понуда на опсег на фреквенции што може да го олесни нашето управување. Опсегот на фреквенции е многу важен – тоа е како кислородот за телекомуникациите. Тој е суштински. Без него, не можете вистински да станете значаен играч на пазарот. Ако го имате, добивате многу можности да го правите она што сакате. Тоа беше знак дека овој пазар е навистина интересен“ рече Пал Заранди, директор за мобилни и 5Г на „4IG“.
Инвестицијата во Македонија според „4 ИГ“ треба да претставува заокружување на успешната приказна на компанијата која преку брендот „ОНЕ“ веќе е присутна во Црна Гора и Албанија како водечки оператор. За неполни две години ОНЕ во Албанија стана лидер на пазарот.
„Во Црна Гора, ова донесе подобрување на мрежната инфраструктура, инвестиции во нов бренд и воведување на брендот ONE, како и аквизиција на 5G фреквенциски опсег во рок од две години. „One Albania“ настана со спојување на два телекомуникациски оператори – Алтелеком, кој беше фиксниот оператор и One Telecommunications, кој беше водечкиот мобилен оператор во тој период. Ова беше голем инвестициски чекор, бидејќи самиот процес на спојување бараше значителни инвестиции во мрежната инфраструктура. Независните евалуации покажаа дека мобилните мрежи во Албанија сега се на исто ниво на квалитет со најквалитетните мобилни мрежи во Европа“ – изјави Брано Ѓуровиќ, извршен директор на ONE Албанија.
Влезот на 4 ИГ на македонскиот пазар треба да донесе поголема конкуренција, но и поквалитетни и поевтини услуги за корисниците. Освен во делот на телекомуникациите, унгарскиот гигант важи за многу сериозен играч во информатичката но и во развојот на веселенската технологија. Сателитската програма на 4 iG групацијата е прва иницијатива во Централна и Источна Европа која развива телекомуникациски и сателитски капацитети за набљудување на земјата, финансирани со приватни инвестиции.
Извор: ТВ Алфа