Народната банка (НБ) ги намали за 0, 25% основната каматна стапка, каматата на депозитите преку ноќ и на 7 дена.
Според одлуката, каматната стапка на благајничките записи сега ќе изнесува 5,55%, додека каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 3,95% односно 4%.
– Со ваквата промена на каматните стапки се задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика, што е условено од натамошното присуство на ризиците поврзани со надворешното окружување, но и со домашните фактори коишто влијаат врз агрегатната побарувачка. И натаму се очекува дека нивото на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки, ќе придонесат за ценовна стабилност на среден рок и за стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото – велат од НБ..
Одлуката за монетарната политика е заснована на оцените за инфлацијата, којашто се движи во рамките на очекувањата, како и на постојаните поволни движења на девизниот пазар.
Годишната стапка на инфлација очекувано забрза во ноември и изнесува 4,3% (3,5% во октомври), поради цените на храната.
– Во просек за целата 2024 година се очекува дека инфлацијата ќе изнесува 3,5%, односно во рамките на проектираната стапка, според октомврискиот циклус проекции – велат од НБ.
НБ оцени дека нивото на девизните резерви на крајот на ноември изнесува 4,920 милијарди евра и е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута.
Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), како фактор којшто Народната банка исто така го има предвид, на последната седница во декември по четврти пат оваа година беше донесена одлука за намалување на каматните стапки за 0,25 п.п.
– Економскиот раст во третиот квартал на 2024 година умерено забрза и достигна 3%, што е блиску до проекциите на Народната банка- велат оттаму.