Кина ја одобри изградбата на најголемата хидроцентрала во светот, со што започна амбициозен проект на источниот раб на Тибетската висорамнина, кој може да влијае на милиони луѓе во Индија и Бангладеш.
Според проценката на Power Construction Corporation на Кина за 2020 година, браната, која ќе се наоѓа на долниот тек на реката Јарлунг Зангбо (горниот тек на реката Брамапутра во автономниот регион на Тибет), би можела да генерира 300 милијарди киловати часа (kWh) електрична енергија годишно.
Тоа е повеќе од три пати повеќе од 88,2 милијарди kWh, колку што е проектираниот капацитет на моментално најголемата хидроцентрала во светот, Трите клисури во централна Кина, пишува порталот Бизнис.
Проектот ќе игра важна улога во исполнувањето на целите на Кина за јаглеродна неутралност, објави државната новинска агенција Ксинхуа.
Дел од реката се спушта на драматични две илјади метри во краток распон од 50 километри, нудејќи огромен хидроенергетски потенцијал, како и уникатни инженерски предизвици.
Трошоците за изградба на браната, вклучувајќи ги и инженерските трошоци, исто така се очекува да ја засенат браната Три клисури која вреди 35 милијарди американски долари. Тоа вклучуваше преселување на 1,4 милиони луѓе и беше четири пати повеќе од првичната проценка.
Властите не посочија колку луѓе ќе бидат раселени поради проектот или како тој ќе влијае на локалниот екосистем, еден од најбогатите и најразновидните на висорамнината.
Според кинеските власти, хидроенергетските проекти во Тибет, за кои велат дека имаат повеќе од една третина од хидроелектричниот потенцијал на Кина, нема да имаат големо влијание врз животната средина или снабдувањето со вода.
Меѓутоа, Индија и Бангладеш се загрижени за браната, бидејќи проектот потенцијално ја менува не само локалната екологија, туку и текот на реката.
Кина веќе започна со изградба на хидроцентрали на горниот тек на споменатата, која тече од запад кон исток во Тибет и планира повеќе проекти низводно.