Не ретко се менува лекар поради недоверба и сомневање во нивната компетентност, како и неосновано изложување на бројни дијагностички процедури.
Сајберхондрија е неодамнешен медицински термин кој се однесува на неоснована ескалација на вознемиреност поврзана со здравјето предизвикана од постојано пребарување и читање содржина за симптоми и болести на Интернет.
<b>Разлики помеѓу сајберхондријата и хипохондријата</b>
Хипохондријата е анксиозно растројство чии основни карактеристики се стравот и верувањето на личноста дека боледува од сериозна физичка болест. Сличноста е што и во двата случаи постои прекумерна грижа за физичкото здравје.
Меѓутоа, сајберхондријата се карактеризира со прекумерна употреба на Интернет со постојано и често неконтролирано пребарување на информации поврзани со здравјето, чија содржина потоа предизвикува стрес, вознемиреност и загриженост. Очигледно, сајберхондријата е поврзана со новите технологии, па често е означена како болест на модерното време.
<b>Причини за сајберхондрија</b>
Причините за сајберхондријата не се целосно јасни, но општата тенденција за грижа, хроничен стрес, искуства со болести (било лично или член на семејството), веќе присутна анксиозност или депресивни состојби, се најчестите фактори кои ја зголемуваат тенденцијата за развој на киберхондрија. Од друга страна, лесната достапност на медицински информации на Интернет, заштедата на време и пари поради неодењето на лекар, приватноста и потребата од инстант одговори поттикнуваат пребарување на Интернет.
Голем број луѓе ги користат здравствените информации од Интернет на адекватен начин. Тие понекогаш можат да помогнат да се идентификува проблемот, може да се искористат за да не информираат за начинот на лекување или кој треба да се контактира за помош.
Најчесто, добрите информации доведуваат до реална перцепција на проблемот и олеснување, односно намалување на анксиозноста поврзана со здравствени нарушувања За други, медицинските информации добиени преку Интернет може да предизвикаат сосема спротивен ефект. Тие можат да ги збунат, исплашат и вознемират бидејќи знаењето за болестите и симптомите може погрешно да се протолкува. На овој начин може да се појави верување дека некое лице има сериозен здравствен проблем, што ја зголемува анксиозноста поврзана со здравјето. Пребарувањата продолжуваат, а вознемиреноста ескалира, што доведува до нарушување на менталното здравје, општата функционалност и квалитетот на животот.
<b>Тежок пат до дијагноза</b>
Дијагностицирање од страна на лаици врз основа на погрешно протолкувани или неточни информации од Интернет или, уште полошо, обиди за самолекување - претставуваат сериозен проблем.
На лекарите им е тешко да работат затоа што пациентите доаѓаат со однапред смислено мислење дека имаат некоја болест и бараат потврда и лекување наместо преглед и утврдување на фактичката состојба. Обидите за уверување може да бидат напорни и да го трошат времето на лекарот што може да им се посвети на други пациенти. Менувањето на лекарите поради недоверба и сомневања во нивната компетентност, како и неосновано изложување на бројни дијагностички процедури не се ретки.