Имено, тимот на српскиот портал Телеграф.РС пред два месеци ја посети вилата која Есма ја изградила во Скопје, а во која живеела до нејзината смрт.
За жал, во куќата која некогаш била дом на оваа национална икона, наишле на целосна пустош.
Во еден затскриен дел на Скопје, куќата на Есма Реџепова стои сама, опкружена со пиреј, како сведок на нешто што некогаш било полно со живот.
Внатрешноста била морничаво тивка, а чувството на жалост е неизбежно. Куќата била ограбена, а од неа било одземено речиси сѐ.
Искршени прозорци, расфрлани хартии, крстот на починатиот сопруг Стево и сликите кои ја раскажуваа приказната за нивниот заеднички живот се оставени да скапуваат.
Поранешната ѕвезда сонувала дека нејзиниот дом ќе стане повеќенаменски објект во кој ќе се спроведуваат различни хуманитарни активности, како и еден вид културен центар во кој ќе се собираат млади и талентирани луѓе.
Есма Реџепова беше оставена да биде заборавена, а нејзиното наследство полека да згаснува во пуста средина.
Нејзините фустани оставени во плакарите сведочат за некогашниот гламур, додека тишината и негрижата и ја украдоа секоја трага од нејзината големина.
Да потсетиме, Есма Реџепова, неизбришливата кралица на ромската музика, остави неизмерна трага на музичката сцена на Балканот.
Прогласена во 1976 година во Индија за најоригинална пејачка, Есма се најде меѓу 50-те најдобри вокали на светот.