Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

Трамп во Њујорк разговарал со полскиот претседател за војната во Украина и на Блискиот Исток

18 април 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп разговараше во Њујорк со полскиот претседател Анджеј Дуда за војната во Украина и за напорите на Дуда да ги зголеми трошоците за одбрана од земјите-членки на НАТО, како и за конфликтите на Блискиот Исток, објави изборниот штаб на Трамп.

Вчерашниот состанок во кулата Трамп беше последен во серијата состаноци што Трамп ги одржа со странски лидери додека Европа се подготвува за можноста за второ претседателство на Трамп, објави АП.

Дуда по разговорот со Трамп, кој траеше околу два и пол часа, рече дека станало збор за пријателска средба.

Помошникот на Дуда, Војче Коларски, кој исто така присуствувал на состанокот, рече дека Трамп и Дуда се сеќавале на времето кога работеле заедно четири години додека биле на претседателски позиции, време кое било „многу плодно за американско-полските односи“.

Посетата на Дуда доаѓа во време кога републиканците во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес се расправаат за законот со кој се одобрува странска помош вредна 95 милијарди долари, што исто така ќе ѝ обезбеди нова помош на Украина.

Полските лидери го повикаа Претставничкиот дом да го одобри нацрт-законот за странска помош.

Многу од сојузниците на Трамп во Претставничкиот дом жестоко се противат на одобрување помош за Украина, а Трамп рече дека можеби е отворен за помош во форма на заем.

Трамп и Дуда се согласуваат дека членките на НАТО треба да бидат охрабрени да ги зголемат трошоците за одбрана, наведува американската агенција.

Дуда ги повика другите членки на Алијансата да ги зголемат трошоците на три отсто од БДП, што би претставувало значително зголемување во споредба со сегашната обврска од два отсто.

Трамп долго време го критикуваше НАТО и се закани дека САД нема да ги бранат земјите-членки кои не ја исполнуваат целта за трошоци за одбрана од два проценти.

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ