Падна потпорниот ѕид на улицата која минува над Клиничкиот центар, поточно над Детската клиника. Информацијата ја потврди и Центарот за управување со кризи ЦУК, од каде велат дека уште пред повеќе од една година, односно во ноември 2022 година, алармирале оти постои ризик истиот да се урне, но дека ништо не било преземено.
Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов кажа дека од нивна страна веднаш биле известени Министерството за здравство, Градот Скопје и општината Центар, како и МВР за да преземат мерки за да се заштитат животот и здравјето на граѓаните, но денес добиле пријава дека дел од зидот се урнал, а делови завршиле на улицата.
- За жал, една и пол година подоцна не е преземено ништо, состојбата со ѕидот е уште повеќе влошена. Рано утринава добивме пријава на 112 дека дел од овој ѕид е срушен. Прашање на ден, а можеби и на час е кога ќе се сруши и останатиот дел од ѕидот каде се паркираат возила, а се движат и луѓе кои влегуваат во кругот на Државна болница, посочи Ангелов и уште еднаш упати апел до институциите итно да се зафатат со надминување на оваа опасност за граѓаните.
-На улицата постои систем од шахти и подземни канали чија сопственост не можеме да ја утврдиме, а се во лоша кондиција. Не ја собираат подземната вода, која избива на улицата и дополнително го поткопува ѕидот, вели Ангелов.