Пред точно 146 години започна Македонското востание, познато и како Кресненско востание, организиран и оружен стремеж што во македонската националната меморија останува запаметен како една од првите пројави на македонскиот борбен дух за слобода и сопствена држава.
Македонското востание од 1878 година се појавува во сложени геополитички услови кога Царска Русија се обидува да го прошири своето влијание до Средоземно Море.
Но желбата на македонскиот народ за слобода била злоупотребена од руските панслависти и од великобугарите, кои не се откажале од Санстефанска Бугарија. Значително било негативното влијание на одредени бугарски дејци што ја компромитирале македонската слободарска идеја пред европските сили, што довело до неуспехот на Македонското востание. Но и покрај неуспехот, оваа пројава на македонскиот борбен дух е настан што го означува почетокот на организираното македонско националноослободително движење.
<b>Создавање слободна територија</b>
Во летото 1878 година било донесена одлука за организирање востание во Македонија.
Врз основа на оваа одлука есента истата година биле повикани сите вооружени ајдучки, востанички и доброволечки чети од Македонија. На 17 октомври 1878 година востаничките сили, предводени од војводите Стојан Карастоилов, Коста Кукото, Стојо Торолинко и Крсто Аризонов, во вечерните часови пристигнале близу селото Кресна.
Борбата започнала кога востаничките сили се доближиле до османлиските позиции, а набрзо во помош на востаниците им пристигнале и селаните од Кресна, Влахи, Ошчава и други кресненски села. Стојан Карастоилов со востаниците успеал да ги обиколи Турците и да им го прекине снабдувањето со храна и вода.
Борбата меѓу востаниците и турската војска траела околу 18 часа, а на крајот турските сили биле принудени да се предадат. Во битката кај Кресна особено се истакнал војводата Стојан со извонредната борбеност, храброст и јунаштво. По ослободувањето на Кресна, биле ослободени и селата Оштава, Влахи и Ново Село, а востаниците се префрлиле на десниот брег на реката Струма.
По ослободувањето на територијата биле формирани штаб на востанието, како највисоко раководно тело, и команда на востаничките сили. За атаман на македонските востаници бил именуван рускиот мајор Адам Калмиков, а за прв војвода бил прогласен Стојан Карастоилов. Како највисоко раководно тело бил формиран и штаб, наречен Штаб на Македонското востание, а за началник бил поставен Димитар Поп Георгиев Беровски.
<b>Востаниците инсистирале на називот Македонско востание</b>
Според проф. д-р Никола Минов, началникот на штабот на македонските востаници своите писма ги потпечатувал со печат во кружна форма, на чија површина бил изгравиран текстот: „<b>Печат на началникот на штабот на Македонското востание 1878</b>“.
Минов исто така посочува дека востаниците инсистирале на вакво именување на востанието, а тоа евидентно може да се согледа и од едно писмото на Калмиков до комитетот „Единство“, во кое атаманот запишал: „Вие се воздржувате да пишувате… од македонскиот комитет – тоа име нема да умре и затоа ви соопштувам дека без зборот македон, вашите писма ќе ви бидат вратени назад – молам ова да им го соопштите на сите комитети“.
Никола Минов од Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје вели дека иако во постарата македонска историографија било користено името Кресненско востание, а бугарската историографија, која и понатаму неправилно го третира востанието како бугарско, истото тоа го именува Кресненско-Разлошко востание, нема причина да не се прифати името што самите востаници го употребувале за нивното востание – Македонско востание.
<b>Судир поради македонските и бугарските интереси</b>
Паралелно со востаничките активности во Македонија, на територијата на Бугарија биле формирани и неколку комитети со заедничко име „Единство“, а најактивен од нив бил софискиот разгранок. Под закрила на споменатите комитети биле формирани два одреда со околу 400 лица, предводени од Адам Калмиков и од Луј Војткевич.
Главниот стремеж на бугарските комитети бил насочен кон искористување на востаничкото движење во Македонија како притисок врз европската дипломатија за ревидирање на одлуките на Берлинскиот конгрес, односно приклучување на Македонија кон бугарската држава.
<b>Затоа бугарските комитети и македонските водачи уште на самиот почеток се судриле, најпрво во однос на тактиката и начинот на водење на борбата, а на крајот околу идеолошките принципи на востанието</b>.
На 23 октомври 1878 година Главниот штаб ги вратил Адам Калмиков и Луј Војткевич во Бугарија, за привремен командант бил избран војводата Стојан Карастоилов, а Беровски останал началник на штабот.
Калмиков и Луј Војткевич во Ќустендил го обвиниле Беровски, а комитетот „Единство“ го повикал Беровски, но востаничките војводи не му дозволиле. Обидот на комитетот да доминира во раководењето на востанието предизвикал многубројни противречности меѓу раководството на востанието и комитетот.
По одбивањето на Беровски да замине за Џумаја, Калмиков заминал за Софија, каде што го обвинил началникот на востанието. Софискиот комитет, кој не се согласувал со доминацијата на внатрешните во штабот и со политичката и воената стратегија на македонското востание, го повикал началникот на штабот, Димитар Поп Георгиев Беровски, веднаш да се јави во Софија на објаснување.
Меѓутоа, по одлука на војводите, Беровски не заминал ни во Софија, туку го испратил А. Филипов. Со одбивањето на македонското раководство да ги изврши наредбите на бугарските комитети, биле предизвикани многубројни остри реакции во Софија.
<b>Отстранување на македонските водачи</b>
Во почетокот на ноември 1878 година, Софискиот комитет ја испратил комисијата придружена од мајорот Калмиков со многубројни доброволци, која преку Џумаја стигнала во Влахи. Беровски веднаш бил уапсен и затворен во Џумаја. Комисијата се претворила во врховно и законодавно тело над востанието.
Калмиков бил поставен за командант на силите на Кресненското востание, а Луј Војткевич на Разлошкото. Војводата Стојан Карастоилов, по затворањето на Беровски, се потчинил на одлуките на Софискиот комитет и му ја предал команданта на Калмиков. Повеќето војводи, особено оние од западна Македонија, предводени од Стефо и Коста Буфски, не го прифатиле враќањето на Калмиков и го напуштиле селото Влахи, заминувајќи преку реката Струма, а некои поднеле оставка.
Со тоа на Калмиков му било овозможено да избере свои луѓе и да го преземе раководството на востанието. Меѓутоа војводата Стојан ги штител своите, односно македонските војводи. Набрзо потоа биле убиени најблиските приврзаници на Карастоилов, а на 25 ноември 1878 година бил убиен и војводата Стојан Карастоилов, заедно со Георги Чолаков и Иван Трендов.
Со убиството на војводата Стојан Карастоилов и на Димитар Поп Георгиев Беровски, софискиот комитет „Единство“ преку мајорот Калмиков го презел раководењето со востанието. Набрзо дошло до промена на стратегијата и Софискиот комитет наредил да се изведуваат оружени акции во близината на бугарската граница кон Ќустендил и Разлошко, за да се предизвика интересот на европската дипломатија, односно востанието да биде искористено како протест против Берлинскиот договор, т.е. враќање на санстефанските решенија.
<b>Димитар Беровски – организатор и водач на востанието</b>
Големо влијание врз револуционерните и ослободителни погледи на Димитар Беровски имал неговиот престој во Белград. Во српската престолнина, под покровителство на српскиот кнез Михајло Обреновиќ дејствувале повеќемина балкански револуционери, а меѓу нив бил и бугарскиот деец Георги Раковски. Во Белград пристигнале и Дедо Иљо Малешевски и Спиро Геров, како и други македонски бунтовници. Тој од Белград се вратил во родното Берово. Таму работел како учител, но активно учествувал и во општествениот живот. Познато е неговото ангажирање во борбата на локалното население против струмичкиот патријаршиски митрополит Јеротеј Комбајнос.
Димитар Поп-Георгиев Беровски бил иницијатор за обнова на Охридската архиепископија, преку Унијата на христијаните Македонци со Ватикан, кои во 1874 година отцепиле од бугарската црква мали делови од серската, мелничката, струмичката, воденската, кукушката и солунската област и ги приврзале кон Ватикан.
Во Солун создал револуционерен кружок чија цел била организирање востанија против османлиската држава. Од овие активности произлегло и Разловечкото востание, а подоцна се вклучил во организирањето на Македонското (Кресненско) востание (1878), при што бил избран за началник на Востанички штаб. По неуспехот на Македонското востание, се префрлил во Ќустендил, каде што живеел и работел до својата смрт на 19 декември 1907 година. Д.Ст.
<b>Дедо Иљо Малешевски – предвесник на македонскиот револуционерен дух за слобода</b>
Илија Марков, познат како Дедо Иљо Малешевски или Иљо Војвода, останува запаметен како македонски ајдутски војвода, но и предвесник на македонскиот револуционерен дух за слобода.
Поради својот слободарски дух во средината на 19 век се одметнал и создал ајдутска дружина со која дејствувал во источниот дел на Македонија, најчесто во родниот крај Малешевијата. Како поборник на идејата за ослободување на балканските народи од османлиската власт, во 1859 година преминал во Србија.
Во борбите помеѓу Србите и османлиите во 1862 година предводел повеќемина македонски доброволци познати како Иљовата легија или Македонски одред. Учествувал со македонски доброволци во Српско-турската војна во составот на Руско-македонскиот баталјон. Бил тешко ранет и се лекувал во Србија, а потоа заминал во Романија. Со македонски доброволци (ополченци) се борел и во Руско-турската војна во ослободувањето на Бугарија. Се истакнал во борбите на Шипка. По ослободувањето на Ќустендил, со 150 македонски доброволци се одвоил од руската армија и учествувал во востаничкиот продор во Пијанец. Со своја чета од 200 до 300 востаници учествувал во Македонското (Кресненско) востание.
<b>Ѓорѓија Пулевски – еден од најголемите бранители на македонските интереси</b>
Во македонската национална меморија Ѓорѓија Пулевски останува запаметен како еден од највеликите дејци што оставиле неизбришлива трага во развојот на македонската културна мисла, но и како еден од најголемите бранители на македонските интереси во втората половина на 19 век. Поемата „Самовила македонска“ ја напишал во 1878 година, непосредно пред Македонското (Кресненско) востание.
Во неа Пулевски ги искажува силните стремежи и традиции на македонскиот народ, сакајќи со силен патриотски набој да го крене македонскиот народ на ослободителна борба против поробувачите, потсетувајќи го на сопственото славно минато и историја на Македонија од времето на Филип Македонски и Александар Македонски. Оваа поема е првата објавена поетска творба на Ѓорѓија Пулевски и истовремено е првата македонска револуционерна песна со јасна националноослободителна определба во македонската литературна историја.
(Д.Ст., Нова Македоднија)