Направени се измените на Концепцијата за основно
образование, на чија потреба во изминатиот период упатуваше стручната и
пошироката јавност, а особено наставниците од основните училишта. Согласно
доставените сугестии за време на периодот во кој Концепцијата беше ставена на
јавна дискусија, Бирото за развој на образованието интервенираше и ја подготви
новата унапредена содржина, информираат од Министерството за образование.
Измените овозможуваат повторно враќање на научните
дисциплини историја, географија, биологија, физика и хемија како посебни
предмети во третиот воспитно – образовен период од основното образование
(седмо, осмо и деветто одделение), имајќи предвид дека претходно Концепцијата
предвидуваше нивна интеграција со нејасно дефинирани насоки за реализација на
часовите, но и кратење на многу содржини кои се од исклучителна важност за
учениците на соодветната возраст.
Како резултат на измените во Концепцијата, во следниот
период ќе се изработи и нов Наставен план за основното образование, но и нови
наставни програми по соодветните предмети во седмо, осмо и деветто одделение,
кои етапно ќе се воведуваат почнувајќи од учебната 2025/2026 година, како и во
двете учебни години потоа.
Министерството за образование и наука изразува благодарност
до сите општествени чинители кои со свои сугестии придонесоа за унапредување на
содржината Концепцијата за основно образование, како и до Бирото за развој на
образованието кое е носител на целиот процес. Продолжува транспарентното
работење, со вклучување и активно учество на сите засегнати страни во
креирањето на образовните промени, стои во соопштението на ресорното
министерство.