Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков на денешната прес-конференција по средбата со премиерот Христијан Мицкоски, потврди дека и оваа година, поточно од месецов, ќе има зголемување на платите во основно и средно образование за пет проценти.
Од октомвриската плата, вработените во основното и средно образование ќе имаат зголемена плата за пет проценти.
„Задоволството е уште поголемо што се договоривме за континуиран раст на платите во основно и средно образование во период од четири години, каде според нашите заеднички математики, конечно вработените во основно и средно образование, носителите на дејност наставниците и професорите ќе имаат плата во висина од просечна или нешто над просечна плата“, изјави Неделков.
Мицкоски кажа дека после неколку неделни преговори и анализи, и врз основа на она што го имаат како информација како се полни буџетот и кои се проекциите за годините кои следат, сакале да постигнат договор кој ќе биде долгорочен.
Министерката за образование, Весна Јаневска неодамна навести дека е можно да излезат во пресрет на барањата на СОНК. Инаку, најавите претходно беа дека дури идната година ќе има покачување на платите на наставниците. СОНК бараше покачување на платите годинава, а ако тоа не се случи, се заканија дека ќе излезат на протести.