Портретите на поранешните градоначалници на градот Скопје од салата за состаноци завршиле во ходник до тоалетите. Градоначалничката Данела Арсовска ги тргнала портретите кои над 20 години стоеја во салата за состаноци до нејзиниот кабинет.
Сега портретите на Петре Шилегов, Коце Трајановски, Трифун Костовски, Ристо Пенов, Јове Кекеновски, Горан Николовски и Милан Талевски висат над вецињата, во ходник каде што не поминува Арсовска, објави СДК.мк
Уште од времето на Ристо Пенов, а можеби и пред тоа, портретите од сите досегашни градоначалници стоеја во салата за состаноци, која се наоѓа и е дирекно поврзана со канцеларијата на Градоначалникот на Град Скопје.
Портретите се извадени пред месеци, но никој од новинарите кои со години ја следат работата на Град Скопје цела година не влегол во бараката каде е канцеларија на Арсовска и не забележал дека сликите се ставени во ходник, над вециња.
Фото: СДК