Словачка нема да биде „заложник“ на украинско-руските односи, му рекол словачкиот премиер Роберт Фицо на својот украински колега во телефонски разговор во саботата, откако Киев ја стави руската групација „Лукоил“ на листата на санкции, што доведе до суспензија на испораките на нафта до Словачка и Унгарија.
Словачка и Унгарија потврдија дека престанале да добиваат нафта од клучниот снабдувач Лукоил, откако Украина воведе забрана за транзит на ресурси од руската енергетска компанија преку нејзина територија.
За Словачка тоа значеше губење на одредени залихи за рафинеријата Словнафт, која е во сопственост на унгарската групација за нафта и гас МОЛ.
Канцеларијата на словачката влада во саботата објави дека Фицо имал телефонски разговор со украинскиот премиер Денис Шмихал и му рекол дека Словачка нема намера „да биде заложник на украинско-руските односи“.
Словнафт ќе добие 40% помалку нафта за рафинирање отколку што му е потребно, потврди словачката влада, што ќе ги погоди словачките пазари и исто така може да доведе до запирање на испораките на дизел од Словнафт наменети за Украина.
Да потсетиме, иако ЕУ веќе воведе санкции за руската сурова нафта, некои земји како Словачка имаат исклучоци за да имаат повеќе време да се префрлат на алтернативни извори.
„Вклучувањето на Лукоил на листата на санкции е само уште еден пример за бесмислени санкции кои не и штетат на Руската Федерација, туку главно на некои земји-членки на Европската унија, што е неприфатливо“, соопштија од кабинетот на Фицо.
Фицо долго време беше критичар на санкциите против Русија и минатата година ја прекина директната државна воена помош за Украина, што предизвика критики.
Недолго потоа, имаше обид за атентат врз него - Роберт Фицо беше тешко ранет, но по хоспитализацијата закрепна и се врати на должност. Многумина веруваат дека е направен обид да се убие токму поради неговите ставови кон Украина.
Што се однесува до потегот на Украина, самиот факт дека примарни жртви се Словачка и Унгарија е секако значаен, бидејќи тоа се единствените две членки на Европската унија кои отворено заговараат поинаков став од мнозинството.
Будимпешта и Братислава бараат војната во Украина да заврши што е можно поскоро преку директни мировни преговори. Останатите државни органи во Европа во голема мера ја поддржуваат идејата за дополнително вооружување на Украина со цел продолжување на војната.
Наводната цел на Украина е да го задуши клучниот извор на приход за Русија, но досега докажа дека Русија е сосема способна да најде нови клиенти за своите енергетски производи, пред се во Азија, каде што Индија стана главен клиент.
Значи, дискутабилно е колку овој потег на Киев и штети на Москва, а колку всушност им штети на Братислава и Будимпешта.
Колку е сериозна ситуацијата? Навистина многу. Овој потег предизвикува страв од недостиг на снабдување во Унгарија, која се потпира на Русија за 70% од увозот на нафта - од кој половина доаѓа од Лукоил.
„Украинските мерки може да создадат сериозна ситуација“, вели Илона Гизинска, истражувач и експерт за Унгарија во Центарот за источни студии.
Таа додаде дека Унгарците би можеле да се соочат со вртоглаво растечки цени на енергијата и недостиг на електрична енергија за само неколку недели доколку не се најде решение.
Унгарија сега би можела да преговара за поголем увоз од Роснефт (што засега не е под влијание на украинските санкции) или да го зголеми снабдувањето од Хрватска преку гасоводот Адрија. Унгарија би можела да ослободи и дел од стратешките резерви за вонредни состојби, кои имаат доволно нафта за 90 дена.
Сепак, што и да направат, ќе мора брзо да донесат одлука, а последиците ќе бидат долготрајни, како за унгарскиот енергетски сектор, така и за односите меѓу Будимпешта и Киев.
Може да се заклучи дека ова е „одговорот“ на Украина на мировната мисија на Орбан, во чии рамки тој неодамна ги посети Киев, Москва, Пекинг и САД. Киев веќе објави дека остро ги отфрлаат неговите планови.
Извори: politico.eu|rferl.org|bloomberg.com|euractiv.com