Државниот регулатор Агенција за пошти пред надлежен Кривичен суд водел постапка против АД Пошта и раководителите поради ненавремено доставување на пратките.
По претходен надзор, регулаторот утврдил дека давателот на универзалната поштенска услуга во земјата не си ја вршел работата како што треба.
Тужби како одговорни лица добиле и тогашниот директор Васко Стефанов, кој во меѓувреме во текот на минатата година во април беше „награден“ со нова функција како прв човек на АД ЕСМ, како и директорот на Центарот за поштенски комуникации Елез Елези.
Сепак, Агенција за пошти во својот објавен извештај за годишното работење во 2023 вели дека оваа иницијатива завршила без успех, конкретно мислејќи на постапките за порамнување.
На 21 септември 2023 била поведена постапка пред Кривичен суд за два продолжени прекршоци на АД Пошта и по еден за Стефанов и Елези за „необезбедување на универзална услуга постојано и секој ден во период од септември 2022 до 18 ноември 2022 и за не вршење на достава на адреса на примачите во континуитет“.
Агенцијата повела прекршочни постапки во текот на минатата година пред судот и против Ваша Пошта, ПМ Постман Анд Логистикс, Б-Пост и Мик-Мик, како и за нивните управители, но иницијативите против овие поштенски оператори биле по други основи, а не за доцнење на пратките.
Инаку Агенцијата за пошти констатира дека АД Пошта бележи тренд на зголемување на обемот на испорачани пакети, но затоа намален е бројот на доставени препорачани писма.
На сметка на давателот на универзалната поштенска услуга, помалите оператори го зголемуваат своето учество.се повеќе во поштенските услуги.
Изминатиот период имаше голем број на јавни поплаки од граѓани дека пратките не им пристигнуваат или им пристигнуваат со задоцнување од неколку месеци.
Со години се жалат за проблемите со доцнењето на писмата со месеци, за недостатокот на поштари, а тука се уште и финансиските загуби и доцнењето во исплатата на платите на вработените.
Граѓаните се жалат дека освен што своите пратки ги чекаат со месеци, доцнат и официјалните писма.