Максимални мерки на безбедност се превземаат во Атина за претстојниот кошаркарски натпревар во Евролигата меѓу Панатинаикос и Макаби Тел Авив во Атина во вторник, по нападите врз израелските навивачи во Амстердам минатата недела, соопшти грчката полиција. За овој дуел ќе бидат мобилизирани околу 1.500 полицајци, изјави полициски извор за Франс прес.
Само 40 навивачи на израелскиот клуб добија дозвола да бидат на трибините, вели изворот, додавајќи дека на натпреварот сакале да присуствуваат и поголем број на навивачи, но полицијата одбила поради страв од можни тепачки.
Дел од полициската придружба ќе биде доделена на навивачите на Макаби, додека антитерористичка полиција ќе го придружува тимскиот автобус.
Засилено обезбедување ќе има и израелската амбасада во Атина. Обезбедувањето ќе биде засилено и околу Стад де Франс, во Сен Дени, за фудбалскиот натпревар Франција-Израел во четврток, со мобилизирани 4.000 полицајци околу и внатре во стадионот.