Македонскиот автомобилист Марко Блажевски го освои третото место на тркачката патека Мизано во Италија во рамки на Еуро Твинго купот, што се возеше изминатиот викенд.
По второто место пред три недели во Мугело, ова беше нов подиум за перспективниот македонски возач, кој со своето Рено Твинго се натпреварува во конкуренција на триесетина автомобилисти од цела Европа. Според неговите зборови овојпат имал проблеми со автомобилот, поточно му се скршил менувачот на крајот од трката па тоа било решавачко за да не забележи уште подобар пласман.
-Сепак, како и да е, задоволен сум од резултатот, бидејќи повторно бев на победничкиот подиум и тоа ми дава оптимизам дека наредната година ќе бидам уште подобар. Конечно, ова ми беше само втора трка по пауза од една годин, а ја возев со изнајмен автомобил, но за наредната сезона ќе го имам комплетно подготвен мојот автомобил и верувам дека ќе ја возам цела сезона со него и ќе можам да дојдам до многу подобри резултати. Оптимист сум бидејќи веќе имав можност да се запознаам одблизу со сите неопходни поединости кои ми недостасуваа, а особено добро да ја проучам конкуренцијата. Верувам дека во сезоната 2025 ќе имаме причини за славје – ни изјави Марко Блажевски по завршувањето на натпреварувачкиот викенд во Мизано.