Премиерот на Украина Денис Шмихал ја објави веста за прекин на транспортот на гас за време на „Прашања до премиерот“ во Врховната Рада (Парламентот на Украина), како што пренесе Интерфакс-Украина.
- Договорот за транзит на гас истекува на 1 јануари 2025 година. Транзитот ќе биде физички блокиран во 07:00 часот, а продолжување на транзитот ќе биде можно само доколку на барање на Европската комисија преку нашиот систем транспортираме гас кој не е од руско потекло – рече премиерот.
Тој објасни дека, според Договорот за асоцијација со ЕУ и Енергетската повелба, Украина е обврзана да обезбеди транзит на руски гас во Европа на барање на Европската комисија.
- Во оваа смисла технички продолжува транзитот по барање на европската страна. Сепак, работиме на воведување 100 отсто санкции за руските молекули – рече тој, а пренесува „Украинска правда“.