Објавата следеше во понеделникот во викендицата на Трамп во Мар-а-Лаго, каде што им се придружи Хауард Лутник, директор на инвестициската банка Кантор Фицџералд и кандидатот на Трамп за министер за трговија. Се очекува значителен дел од инвестициите да бидат насочени кон секторот за вештачка интелигенција. Трамп истакна дека Сон е мотивиран од оптимизмот за иднината на САД, додавајќи дека од неговиот избор сè повеќе инвеститори покажуваат интерес „да дојдат со огромен капитал“.
Според Трамп, иницијативата на „SoftBank“ претставува „силен доказ за доверба во иднината на Америка“. Сон ја изрази својата желба да ја „одбележи големата победа на Трамп“ и ја објави својата намера да „повторно воспостави мир во светот“.
Новоизбраниот претседател нагласи дека најавените 100 милијарди долари се двојно повеќе од ветувањето на Сон од 2016 година, на што јапонскиот технолошки магнат навести можност за уште повеќе инвестиции. Трамп, навидум во шега, праша:
- Дали ќе го зголемите на 200 милијарди долари?
Foxconn Technology Group, тајванскиот производител на iPhone-и на Apple, ги освои пофалбите на Трамп во 2017 година со најавата за изградба на комплекс вреден 10 милијарди долари со 13.000 работни места јужно од Милвоки. За жал, пандемијата COVID-19 значително ја намали оваа инвестиција, пренесува АП.
Сепак, последната објава претставува победа за Трамп, кој го искористи постизборниот период за да ги промовира своите политики, да преговара со странски лидери и да склучува деловни зделки. Заканите за високи царини кон Мексико и Канада резултираа со посета на канадскиот премиер и разговор со мексиканскиот претседател, пренесува АП.
На „Truth Social“, Трамп вети забрзани дозволи, вклучително и еколошки, за инвестиции од 1 милијарда долари па нагоре во САД.
SoftBank, основана во 1981 година од амбициозниот Сон, дипломец од УК Беркли, инвестира во различни компании преку својот фонд за ризичен капитал. Нивното портфолио ги вклучува „Јаху“, „Алибаба“ и „Нвидија“, а неодамна лансираа и фабрика за роботи во Ријад со партнери од Саудиска Арабија. По победата на Трамп во 2016 година, Сон најави 50.000 нови работни места и 50 милијарди долари инвестиција во американски стартапи. Сепак, не сите потфати на SoftBank беа успешни, како што покажаа примерите на WeWork и Zume. Последната објава дојде веднаш откако Трамп вети дека ќе го забрза федералното издавање дозволи за енергетски и градежни проекти вредни повеќе од 1 милијарда долари.