Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

Шолц: Германија никогаш нема да толерира антисемитизам

6 октомври 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

 Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ја одбележа претстојната годишнина од нападите врз Израел на 7 октомври, ветувајќи дека Германија „никогаш нема да толерира“ антисемитизам, но истовремено се фокусира на постигнување прекин на огнот на Блискиот Исток, јави ДПА.

Во видео-обраќање објавено на интернет, Шолц изјави дека никогаш нема да ја заборави својата посета на Израел минатиот октомври, кога се сретнал со роднини на убиените или киднапираните од страна на палестинската милитантна група Хамас на 7 октомври.

Една година подоцна, Шолц рече дека е неприфатливо „граѓаните од еврејска вера да живеат во Германија во страв и терор“, да се плашат да носат кипа во јавност или да се воздржуваат да го откријат своето потекло пред своите соученици.

- Еврејскиот народ во Германија ја има целосната солидарност од нашата држава и од сите пристојни луѓе во нашата земја, додаде Шолц.

Германскиот канцелар повторно повика на прекин на огнот, за заштита на цивилите во Газа и за ослободување на преостанатите израелски заложници.

Тој предупреди дека конфликтот ризикува да се претвори во регионален пожар, но рече дека Германија координира со меѓународните партнери за да спречи понатамошна ескалација.

„На првата годишнина од терористичките напади на Хамас врз Израел, мирот и помирувањето се чини дека се подалеку од кога било во регионот. Но, знаеме дека одржливото решение на конфликтот зависи од кредибилен пат кон преговарано дво-државно решение,“ заклучи Шолц. /МИА

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ