Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

САД: Сериозно го предупредуваме Иран- не преземајте акции против нас или Израел

2 октомври 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изјави дека „мора да заврши смртоносниот маѓепсан круг на насилство на Блискиот Исток“. „Времето истекува“, рече тој на состанокот на Советот за безбедност на ОН.

Советот за безбедност се состана откако Израел го уби лидерот на Хезболах и започна копнена офанзива во јужен Либан, на што Иран одговори со напад на Израел со балистички ракети. „Нашите дејствија имаат одбранбен карактер“, изјави американската амбасадорка во ОН, Линда Томас-Гринфилд, пренесе УС Њуз.

„Да бидам јасна: иранскиот режим ќе одговара за своите постапки. И силно го предупредуваме Иран и неговите сојузници да не преземаат акции против САД или да преземаат нови дејствија против Израел“, додаде таа.

Томас-Гринфилд рече дека Советот треба да го осуди нападот на Иран и да одговори на иранската Револуционерна гарда со „тешки последици“. „Ние имаме колективна одговорност, како членови на Советот за безбедност, да воведеме дополнителни санкции на Револуционерната гарда за поддршка на тероризмот и за игнорирање на толку многу резолуции на овој Совет“, посочи таа.

Гутереш рече дека остро го осудува нападот на Иран врз Израел. Шефот на израелската дипломатија претходно изјави дека му е забранет влезот во земјата бидејќи не го осудил иранскиот напад.

Во писмото до Советот за безбедност, Иран го оправда нападот врз Израел како самоодбрана според член 51 од Повелбата на ОН, наведувајќи ги „актите на агресија“ на Израел, вклучително и кршење на иранскиот суверенитет. „Иран во целосна согласност со принципот на дистинкција според меѓународното хуманитарно право ја таргетираше само воената и безбедносната инфраструктура на режимот со своите одбранбени ракетни напади“, се наведува во писмото.

Амбасадорот на Израел во ОН, Дени Данон, го критикуваше тој ирански аргумент. „Тоа беше пресметан напад врз цивилното население. Израел нема тивко да помине преку оваа агресија. Израел ќе одговори. Нашиот одговор ќе биде одлучувачки и да, ќе биде болен, но за разлика од Иран, ние ќе дејствуваме целосно во согласност со меѓународното право “, изјави тој за новинарите пред состанокот на Советот.

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ