Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

Политико: Седум членки на НАТО се против приемот на Украина во Алијансата

24 октомври 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Германија и САД се најголемите земји кои се двоумат да одговорат на апелот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Украина да биде поканета во НАТО, пишува бриселското издание Политико и наведува дека Унгарија и Словачка исто така се против оваа одлука, „со оглед дека нивните лидери заземаат проруски позиции“.

Другите земји, се додава, не сакаат брзо да одговорат на барањето на Киев и со задоволство „се кријат во сенка“.

„Земји како Белгија, Словенија или Шпанија се кријат зад Соединетите Американски Држави и Германија. Тие едноставно не покажуваат никаква иницијатива“, рече неименуван претставник на НАТО.

Иако овие земји теоретски ја поддржуваат идејата, „кога ситуацијата ќе се доближи до имплементација, ќе има поголемо противење во јавноста“, објасни друг висок функционер.

Сепак, претставниците кои разговарале со новинарите истакнале дека ниту САД ниту Германија го исклучуваат потенцијалното идно членство на Украина во НАТО.

Поканата на Украина во НАТО е првиот дел од „победничкиот план“ на Зеленски, кој тој го претстави пред европските лидери во Брисел на 17 октомври.

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте изјави за време на неодамнешниот состанок на министрите за одбрана на НАТО дека Украина може да стане 33-та или 34-та членка на Алијансата.

Сепак, Политико посочува дека НАТО се уште не одговорил на поканата на Зеленски.

Амбасадорот на САД во НАТО Џулиен Смит на 16 октомври рече дека Алијансата не планира да ја покани Украина да се приклучи во блиска иднина.

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ