Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

Карикатурист доби 23 години затвор во Саудиска Арабија- ги цртал лидерите

17 октомври 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Случајот на Мохамед ал-Хаза (48) ја зголеми загриженоста за слободата на изразување под престолонаследникот Мохамед бин Салман, бидејќи Саудиска Арабија, најголемиот светски извозник на нафта, се обидува да се отвори за туристите и инвеститорите по долгогодишна изолација.

Таткото на пет деца бил уапсен во февруари 2018 година во Саудиска Арабија за време на „насилна рација“ во која безбедносните сили упаднале во неговиот дом и го демолирале неговото студио, објави лондонската организација за човекови права „Санад“, пренесе „Дејлимејл“.

Според судскиот документ што го видел АФП, обвиненијата против Хаза се однесуваат на „навредливи карикатури“ што ги направил за катарскиот весник Лусаил, како и објави на социјалните мрежи кои наводно биле „непријателски“ кон Саудиска Арабија и во корист на Катар.

Неговото апсење доаѓа помалку од една година откако Саудиска Арабија, заедно со неколку сојузници, ги прекинаа дипломатските односи со Катар, тврдејќи дека Доха ги поддржува екстремистите и одржува премногу блиски врски со Иран, што Катар го негираше.

Овие две земји ги обновија односите во јануари 2021 година. Специјалниот кривичен суд на Саудиска Арабија, основан во 2008 година за да постапува во случаи поврзани со тероризам, првично го осуди Хаза на шест години затвор.

Меѓутоа, оваа година, кога Хаза требаше да биде ослободен, случајот беше повторно отворен и неговата казна е зголемена на 23 години, потврди телефонски за АФП од САД неговата сестра Асрар ал Хаза.

„Беше на чекор до слобода. За малку ќе излезеше од затвор. А потоа, од никаде, случајот беше повторно отворен и казната беше продолжена на 23 години“, рече таа.

Саудиските власти не одговориле веднаш на барањето за коментар за случајот.

Хаза најмногу работел за весникот Лусаил пред бојкотот во 2017 година и повеќето од неговите карикатури биле посветени на внатрешните прашања на Катар. Обвинителството не обезбедило докази за карикатури кои би биле навредливи за Саудиска Арабија, ниту за објави на социјалните мрежи кои би го поддржале Катар за време на бојкотот.

Под раководство на престолонаследникот Мохамед бин Салман, Саудиска Арабија се соочи со критики од активисти за сузбивање дури и на најблагите форми на онлајн критика.

Според организациите за човекови права „Амнести интернешенел“ и „АЛКСТ“, во изминатите две години, судовите во Саудиска Арабија „осудија десетици лица на долги затворски казни за изразување на своето мислење на социјалните мрежи“.

Пресудата на Хази дојде само неколку дена откако на Саудиска Арабија ѝ беше одбиено место во Советот за човекови права на Обединетите нации.

Саудиската влада продолжува да се обидува да ја прикаже земјата како реформирана, истакнувајќи го напредокот во родовата еднаквост и човековите права.

Режимот исто така изрече долги затворски казни на голем број жени, често по тајни судења, откако беа фатени како користат социјални мрежи за да се залагаат за поголеми права и слободи на жените.

Еден од нив, Манахел ал Отаиби (30) е осуден на 11 години затвор за „терористички дејствија“. Оваа саудиска фитнес инструкторка објави пораки за зајакнување на жените на Интернет.

На почетокот на овој месец, Манахел му кажа на своето семејство дека некој ја прободел во лицето со остро пенкало, поради што повредата морало да биде сошиена. Меѓутоа, кога семејството се обидело да го пријави нападот до Комисијата за човекови права на Саудиска Арабија, наводно биле игнорирани.

Сепак, Саудиска Арабија е избрана во март за претседател на комисијата на ОН задолжена за промовирање на родовата еднаквост и зајакнување на жените.

На разочарување на организациите за човекови права ширум светот, претставникот на Саудиска Арабија во ОН, Абдулазиз Алвасил, е избран за претседател на Комисијата за статусот на жените без противење на годишниот состанок на групата во Њујорк.

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ