Случувањата во Сирија со падот на режимот на Башар Асад покажаа дека Русија не е непобедлива и ние мора да разговараме за тоа како можеме да обезбедиме поголема поддршка за Украина во справувањето со руската инвазија, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас при доаѓањето на денешниот Самит на Европската Унија, на кој се разговара за повеќе прашања од надворешната политика.
- Секое инсистирање на преговори за брзо време, всушност ќе биде лошо за Украина. Сите други актери во светот внимателно гледаат како ние се справуваме со ова и затоа мора да бидеме силни, рече Калас.
Таа потенцира дека ЕУ разговара со своите американски партнери за поддршката за Украина, која, како што рече, не претставува милосрдие, туку инвестиција во безбедноста и затоа членките на Унијата треба да разговараат како да му помогнат на Киев, но и како самите да ја зајакнат својата одбрана.
Според неа, ЕУ мора да ја сфати својата моќ како голема сила и дека мора да дејствува силно за да биде сфатена сериозно на глобалната сцена.
- Имаме борба меѓу силите кои сакаат светски поредок во кој моќта ќе го креира правото и од другата страна е Европската Унија со нејзините сојузници, кои го почитуваат владеење на правото и сакаат свет базиран на правила. Тие што ја имаат моќта не можат да прават што сакаат. Тоа е навистина тешка борба и ние мора да останеме единствени, рече Калас.
Таа нагласи дека гледаме оти актери, како Русија, Иран и Северна Кореја, соработуваат во обезбедувањето воена моќ и дека ја гледаме Кина како подзатскриено, користејќи ја економијата, работи против Европа, која не смее да ја потценува својата моќ. - Ние сме голема сила, само ако дејствуваме заедно, порача Калас.
Во врска со најавите на идниот американски претседател, Доналд Трамп за воведување на царини за европските производи, Калас порача дека мора да биде јасно дека никој не може да биде победник во една трговска војна.
- Ако започнеме трговска војна со САД и американските граѓани нема да имаат корист од тоа. Затоа треба да бидеме многу внимателни, порача Калас.
Според неа, ЕУ и САД треба да се здружат во справувањето со нефер трговските парктики на Кина, бидејќи ако тие започнат меѓусебна војна на тоа „би се смеел само Пекинг“.
Запрашана за иднината на Сирија и односот на Турција кон сириските Курди, Калас потенцира дека во земјата живеат различни етнички и верски групи, меѓу кои се и Курдите, и во интерес на сите нив, но и на земјите од регионот, вклучително и на Анкара, е изградба на стабилна држава, во која ќе владее мир и ќе нема граѓанска војна.
- Многу е важно да работиме заедно со регионалните партнери за да ја пренесеме оваа порака, како и да ја пренесеме пораката дека ако се преземат чекори во вистинска насока од сириска страна, тогаш и ние од наша страна ќе бидеме расположени да преземеме чекори за одново да ја изградиме земјата, порача Калас.