Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

Фон дер Лајен го назначи новиот тим на ЕК - Марта Кос ќе биде еврокомесар за проширување

17 септември 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

59-годишната словенечка дипломатка Марта Кос е изборот на Урсула Фон Дер Лајен за наследник на Оливер Вархеји. Но, меѓу 27-те номинирани членови, колку што ќе брои новата Европска Комсија, Кос беше единствената претставена со ѕвездичка, зашто за да биде официјално потврдена, како што појасни Лајен, мора да се добие мислење и од словенечката собраниска Комисија за европски прашања, што би требало да биде формалност.

-Марта Кос. Таа ќе биде еврокомесар за проширување, а ќе биде одговорна и за источното соседство и ќе работи на поддршката на Украина и нејзината обнова. Ќе работи и на поддршката на земјите кандидатки во подготовката на пристапниот процес. , изјави Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европската Комисија

Какви се заложбите на Кос во однос на проширувањето на Западен Балкан засега останува непознато, со оглед дека во јавноста ретко искажавала ставови на оваа тема.

Она што е познато е дека токму номинацијата на некогашна потпретседателка на партијата на премиерот Голоб и кандидатка за претседател на Словенија, е плод на напорите на Лајен за родова еднаквост во Комисијата, која резултираше со поништување на првичниот предлог на Љубљана која го предложи Томаж Весел. Лајен денеска при презентацијата на кандидатите во Европскиот Парламент се пофали дека од 27-те кандидати 11 се жени.

-Кога го добив првиот сет на номинации и кандидати, и кога погледнав на предлозите и на целото табло, ние бевме околу 22 отсто жени и 78 отсто мажи. Можете да замислите дека тоа беше целосно неприфатливо. Затоа интензивно работев со земјите членки и успеавме да го подобриме балансот на 40 отсто жени и 60 отсто мажи. , изјави Урсула Фон Дер Лајен, претседателка на Европската Комисија

Меѓу предлозите на Лајен има повеќе звучни имиња. Оливер Вархеји останува во Комисијата, но сега како еврокомесар за здравје и благосостојба на животните, најфаворизираниот за негов наследник, Летонецот Валдис Домбровскис ќе биде еврокомесар за економија и продуктивност, а место добива и екс шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева во ресорот истражување и иновации. Сите кандидати треба да бидат одобрени од Европскиот Парламент, процес што се очекува да трае со недели, а новиот состав на Комисијата да почне со работа во декември.

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ