-Сега мора да го интензивираме нашиот директен ангажман со ХТС и другите фракции, рече таа по состанокот во Анкара со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.
Шефот на европската дипломатија Каја Калас претходно од Стразбур посочи дека ЕУ е подготвена повторно да ја отвори својата амбасада во Дамаск, нешто повеќе од една недела по падот на режимот на Башар ал Асад.
Урсула фон дер Лајен, исто така, рече дека ЕУ и нејзините сојузници „не можат да дозволат повторно оживување“ на џихадистичката група Исламска држава (ИД) во Сирија, која никогаш не била целосно искоренета.
-Ризикот од повторно оживување е реален, рече таа, нагласувајќи дека „единството на сириската нација мора да се почитува и малцинствата да се заштитат“.
Фон дер Лајен нагласи дека ЕУ ќе ослободи дополнителни еден милијарда евра за финансирање помош за бегалците во Турција.
-Дополнителни милијарда евра се на пат за 2024 година. Оваа сума ќе се користи конкретно за финансирање на здравствената заштита и образованието на бегалците во Турција. Тоа ќе придонесе за миграцијата и управувањето со границите, вклучително и доброволното враќање на сириските бегалци, рече таа.
Претседателот на Европската комисија додаде дека овие пари може да се приспособат на новите потреби, во зависност од развојот на ситуацијата на терен. /МИА