Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

Бројот на жртвите од поплавите во Европа достигна 23, Дунав ѝ се заканува на Будимпешта

18 септември 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Чешките медиуми објавија дека последната жртва е 70-годишна жена од село во близина на Јесеник, која е пронајдена на 20 метри од нејзината куќа, а во таа земја водостоите генерално паѓаат, иако реките сè уште бележат високи водостои во некои делови од јужна Бохемија.

Според податоците на Ројтерс, седум лица загинале во Романија, седум во Полска и петмина во Австрија.

Полското Министерство за одбрана соопшти дека повеќе од 14.000 војници се распоредени во областите погодени од поплави, вклучувајќи го и Вронцлав, а вооружените сили користат хеликоптери за евакуација на луѓето и зајакнување на одбраната од поплави.

Во Будимпешта нивото на водата во Дунав се очекува да достигне врв во петок или сабота, а премиерот Виктор Орбан го посети селото Кишмарос, северно од Будимпешта на брегот на Дунав, каде што ги надгледуваше подготовките за одбрана од поплави.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен се очекува утре да го посети Вроцлав, каде ќе се сретне со лидерите на погодените земји.

Полскиот премиер Доналд Туск го повика Брисел да обезбеди финансиска помош, а министерот за финансии Анджеј Домански на кризниот состанок во Вроцлав изјави дека Полска издвоила 2 милијарди злоти (521 милион долари) средства за справување со последиците од поплавите.

Во областа од Романија до Полска, поплавите донесоа кал и отпад во градовите, уништувајќи мостови, потопувајќи автомобили и предизвикувајќи голема материјална штета на домаќинствата, кои се проценуваат на неколку милијарди долари.

Во најпогодените области, локалните жители и службите за итни случаи расчистуваат дел од железничката пруга од Прага до Острава, која е дел од линијата Виена-Варшава, а сè уште не е во функција.

Најлошите поплави што ја погодија централна Европа во најмалку две децении погодија делови од Полска, Чешка, Романија и Австрија, при што загинаа најмалку 23 лица.

Во исто време, силно невреме сега ѝ се заканува на Италија, каде е пронајдено телото на пожарникар кој исчезнал во поплавата.

Предупредувања за силен дожд, ветрови и поплави се издадени во поголемиот дел од Италија, јавува Би-Би-Си.

Веќе има извештаи за поплави во Пескара во централна Италија, додека италијанската метеоролошка служба предупредува дека невремето ќе го погоди северниот брег на регионот Емилија-Ромања.

Рано утринава во јужната италијанска провинција Фоџа е пронајдено тело на пожарникар откако возилото со кое управувал било однесено од поплавата, јавува денеска АНСА.

Пожарникарот бил член на тимот кој им помагал на мотоциклистите заглавени во невремето на автопатот меѓу Сан Северо и Торе Маџоре.

На поплави во наредните денови предупредуваат и властите во Хрватска, Унгарија, Словачка и Полска.

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ