Полицијата во Берлин се подготвува за немири на годишнината од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, со оглед на тензиите и фактот дека во германската престолнина се најавени околу десетина протести во текот на целиот ден, и од про-палестинци и од про-израелци.
Сенаторката за внатрешни работи на Берлин Ирис Шпрангер вчера изрече цврст став против насилните и антисемитски бунтовници: „Мојот став е јасен: омразата, поттикнувањето и антисемитизмот немаат место на улиците на Берлин."
Таа рече дека припадниците на полицијата од другите сојузни држави, како и федералната полиција, пристигнале да и помогнат на полицијата во Берлин. „Ќе направиме се за протестите на 7 октомври да се одржат мирно и безбедно“, рече Шпрангер и апелираше до учесниците на протестот „да го изразат својот став“ на мирен и ненасилен начин.
<b>Најавени се серија протести</b>
Во Берлин се најавени многу протести за понеделник, на првата годишнина од масакрот на Хамас врз израелските цивили во кој загинаа над 1.200 луѓе, а над 250 беа киднапирани. Протестите беа главно насочени против акциите на Израел во Појасот Газа кои следеа по масакрот и беа насочени против Хамас.
Во последната година, под превезот на пропалестински и антивоени протести, имаше редовни антисемитски немири, извикување антисемитски пароли и величење на терористичките организации Хамас и Хезболах во Берлин.
<b>Зголемување на антисемитските напади</b>
Во исто време, имаше и нагло зголемување на нападите со антисемитско потекло, како палење синагоги и цртање ѕвезди на Давид на згради населени со Евреи или имигранти од Израел.
На 7 октомври минатата година, по веста за масакрот од страна на Хамас, во деловите на Берлин каде живеат претежно жители со арапско потекло, на улиците имаше отворена прослава. Истото беше забележано и оваа недела по веста за нападот на Иран врз Израел.
Процентот на арапското население во Германија нагло се зголеми по бегалската криза во 2015 година, кога над милион бегалци од Сирија пристигнаа во Германија. Од крајот на 70-тите години во Германија живеат голем број бегалци од Либан, од кои повеќето се со палестинско потекло.